Искршени излози и запалени објекти е епилогот на вчерашните инциденти кои се случија во Ѓорче Петров, како знак на револт на убиството на 18-годишниот матурант Ангел Петковски, кој го бркал крадецот да го врати својот велосипед.
Рано утрово, состојбата во населбата е под контрола, сообраќајот се одвива непречено, се чистат улиците од распрсканите стакла од излозите, а сопствениците на објектите ги санираат штетите.
Минимално е присуството на полицијата по улиците во Ѓорче Петров, единствено припадници на Единицата за брзо распоредување се наоѓаат во кругот на Очната клиника, каде беше убиено младото момче.
Граѓаните се вознемирени од вчерашните случувања и се надеваат дека ситуацијата ќе се смири и нема да добие поголеми размери.
Меѓу објектите кои претрпеа штети се казиното „Сенатор“, салонот „Ауто Козметика“, сендвичарница, но и неколку поголеми ресторани.
Инцидентите кои се случија вчера во доцните вечерни часови настанаа како реакција на убиството на матурантот Ангел Петковски, во близина на „Европската очна болница“ во Горче Петров.
Веднаш по веста за убиството, околу 500-тина граѓани се собраа и револтирани и ја блокираа улицата. Тие не дозволуваа пристап на медиумите да снимаат, а беше избркана и една полициска патрола.
Револтираните граѓани одбија да разговараат и со градоначалникот на Ѓорче Петров, Сокол Митревски, кој пристигна да ги смири граѓаните и да апелираше да надвладее разумот.
Убиството во Ѓорче Петров се случи поради украден велосипед. Полицијата го уапси Насер Е., кој е осомничен за убиството на матурантот.
Петар Клинчарски