Премиерот на Србија Александар Вучиќ оцени денеска дека ситуацијата со поплавите бара да се „биде максимално внимателни во следните два дена“ и оти најголема опасност сега е реката Сава, јави Танјуг.
– Крајот не е ниту близу, но денеска имаме повеќе надеж отколку вчера – изјави премиерот на седница на републичкиот штаб за вонредни ситуации.
Тој наведе дека до среда ќе мине еден бран од поплавата и оти треба да се „одбраниме и да го искористиме времето за подобро да се подготвиме и заштитиме“.
Со констатација дека толкава количина врнежи се случува еднаш во илјада години, премиерот посебно им заблагодари на граѓаните кои во изминатите денови помагаа за одбрана од поплави на Шабац и Сремска Митровица.
Тој рече дека европската комесарка за вонредни ситуации во телефонски разговор му рекла оти во ЕУ се воодушевени од мобилизацијата на граѓаните на Србија.
На денешната владина седница во Србија беше речено дека нивото на Сава кај Шабац е 660 сантиметри што е за еден метар повисоко од историскиот максимум и оти ефикасно може да се брани до 680 сантиметри, но тешко дека нешто ќе може да се направи над тоа ниво.
Вучиќ им се заблагодари на државите и луѓето од светот кои и помогнаа на Србија, на ЕУ, САД и сите држави од регионот.
– Кога станува збор за волонтери од нашата држава само во Белград првата вечер имаше 12.500 млади луѓе, а мислевме дека нема да собереме ниту 500 – нагласи Вучиќ, кој предупреди дека во следните два дена мора да се биде максимално внимантелен поради новиот можен бран поплави.