Денешниот ден на кој беше планирана средба и дружба на граѓаните со легендарната пејачка Вања Лазарова, сепак, помина во знакот на министерката за култура Елизабета Канчевска – Милевска. Без никакво известување во медиумите, освен во одредени провладини, Канческа – Милевска се појави до домот за стари лица „Милица“ да ја посети Лазарова.
Како што рече министерката, таа воопшто не била запознаена со иницијативата која кружи на социјалните мрежи за Лазарова да добие национална пензија. На прашањето зошто Лазарова досега ја нема добиено титулата национален уметник, а воедно и било одбиено барањето за добивање национална пензија, минситерката за култура вели дека Лазарова досега нема добиено државна награда.
– Според Законот, национална пензија може да се добие доколку уметникот ги има освоено наградите „11 Октомври“ и „8 декември“. Целокупното творештво на Вања е доставено до Одборот за наградата за животно дело „11 октомври“. Тетка Вања не има задолжено сите нас како граѓани и сме многу горди на неа – изјави Канческа Милевска. – изјави Канческа Милевска.
Седната помеѓу министерката и менаџерот Иво Јанковски, Вања Лазарова изгледаше среќно и задоволно. Им се заблагодари на посетата на граѓаните, но и на медиумите кои деновиве постојано се присутни во домот за стари лица „Милица“. Во знак на благодарност, таа им запеа на присутните.
Како што кажа менаџерот на легендарната пејачка, Иво Јанковски, целокупната документација за добивање на наградата „11 октомври“ е комплетирана.
Зборувајќи за нејзините успеси и дело, менаџерот потсети дека Лазарова има снимено 3 албуми, а има остварено и многубројни настапи во Италија и Полска и други држави. Последниот солистички концерт Лазарова го одржа во Охрид во 2010-та година.
Петар Клинчарски