Интернет-пребарувачите треба да го отстранат пристапот до старите лични податоци, реши денеска Судот на Европската унија.
Одлуката е донесена откако шпанските власти покренаа дело против „Гугл“ за заштита на личните подотоци.
Случајот е поврзан со Шпанец, чие име е објавено во 1998 година како сопственик на имот, кој требало да биде продаден поради долгови. Името и сега се појавува при пребарување на „Гугл“ и покрај тоа што Шпанецот уште од 2009 година бара отстранување на таа информација.
Во 2010 година шпанската Агенција за заштита на личните податоци застана на негова страна и побара од „Гугл“ да ги отстрани застарените информации, но интернет-компанијата се жалеше пред шпанскиот суд и побара мислење од Европскиот суд.
– Таквата информација потенцијално засега многу аспекти од личниот живот на тој човек… Луѓето треба да имаат право да побараат отстранување на линкови кои содржат неадекватна, несоодветна или информација која не одговара на вистината, се наведуѕва во судското образложение.
Во исто време треба да се направи баланс меѓу правото на заштита на личните податоци и правото на интернет корисниците, потенцијално заинтересирани да имаат пристап до информации.