Во источна Украина денеска се во тек подготовки за утрешниот референдум за независност, кој го распишаа проруските сепаратисти, а во меѓувреме украинската армија продолжува со воена офанзива против нив, пренесува Танјуг.
Проруските сили одлучија да го спроведат планот за референдум и покрај тоа што рускиот претседател Владимир Путин оваа недела апелираше до проруските сили во источна Украина да ги одложат референдумите.
Избирачите на утрешниот референдум ќе одговараат на прашањето дали инудстрискиот регион Доњецк треба да добие независност од Киев, а многумина сметаат дека тоа ќе биде вовед во припојување кон Русија.
Сличен референдум ќе биде одржан и во соседниот регион Луганск. Во овие два региони живеат вкупно 7,3 милиони луѓе, а цела Украина има 46 милиони жители.
Лидерот на проруските сили во Доњецк Денис Пусилин изјави дека референдумот ќе биде одржан во 90 проценти од градовите во регионот, и оти се очекува одзив од 60 проценти од избирачите.
Резултати од анкета, што во четвртокот ги објави истражувачкиот центар Пиу од САД, покажаа дека 70 проценти од жителите на источна Украина сакаат да останат во составот на земјата, додека само 18 отсто поддржуваат отцепување. Во исто време, две третини од испитаниците рекле дека не се задоволни од Владата во Киев која има поддршка од Западот.