Украинската Влада е подготвена да разговара за решавање на кризата во земјата со политичките партии и регионалните функционери во источните региони, но не и со „терористите“, соопшти денеска украинското Министерство за надворешни работи.
– Апсолутен приоритет на Владата на Украина е сеопфатниот национален дијалог со учество на политичките сили, регионалните претставници и јавноста, се наведува во соопштението. – Но, дијалогот е невозможен и незамислив со терористите, нагласи укринското МНР.
Проруските сепаратистички активисти, кои моментно контролираат поголемо подрачје во источна Украина, Киев ги нарекува „терористи“ или „бандити“, кои „ги поддржува Русија со цел да се дестабилизира Украина“.
Москва ги негира овие обвиненија, наведувајќи дека Русите, кои живеат во источна Украина само сакаат да ги одбранат своите права од евентуални напади на прозападната украинска Влада.