Славјанск, градот што досега се контролираше од приврзаниците на федерализацијата на Украина, целосно е опколен од силите на украинската армија, изјави на брифинг со новнарите командантот на народната одбрана на градот Игор Стрелков, пренесоа руските медиуми.
-Над градот, според наши оценки, кружат околу 20 хеликоптери, изјави тој.
Податоци за убиени и ранети засега нема.
Во моментов, според локалните жители, се слушаат истрели во реонот Черевковка, каде е еден од патните правци за влез и излез од градот.
Веќе се водат борби во центарот на градот, а има и ранети, за руските медиуми соопшти претставник на администрацијата на градот.
-Украинската армија презеде десант со хеликоптери, борбата веќе се префрли во центарот на градот, рече тој.
Според него, тешки оклопни транспортери се наоѓаат на пристапите кон градот, а има и ранети, иако засега нема податоци за нивниот број.
Уништени се три оклопни транспортери на силите за самоодбрана на Славјанск, а од екипажите на хеликоптерите, соборени од самоодбраната, еден пилот загинал и еден е заробен, потврди тој.
Според него, украинската армија утврдува артилериски орудија околу заземениот телевизиски центар на Славјанск.