Јамските простории на рудникот Злетово се поплавени поради постојаните и повремено засилени врнежи од дожд на подрачјето на општината Пробиштип, коишто доведоа до подигање на нивото на реките и водотеците, соопшти Подрачно одделение за заштита и спасување Пробиштип при Дирекцијата за заштита и спасување.
– И покрај непрекинатото испумпување на водата од јамските простории од нивниот инсталиран систем на пумпи дотокот на вода е се поголем. Поради настанатата ситуација, побарана е помош од Дирекцијата за заштита и спасување за нејзино надминување. Од страна на стручни лица од подрачното одделение за заштита и спасување Пробиштип е излезено на лице место при што е согледана ситуацијата и е одлучено да се достави пумпа со голема моќност и со сите потребни елементи и опрема (моторна пумпа со соодветни приклучни елемети, одводни црева), како и стручен оператор кој ќе се ангажира од подрачното одделение на дирекцијата во Куманово, се вели во соопштението.
Доколку има потреба, се наведува, од страна на Дирекцијата за заштита и спасување ќе биде ангажирана уште една таква пумпа.
Подрачното одделение за заштита и спасување Пробиштип располага со одводни црева Ф-50 и Ф-75 како и моторни пумпи со мала моќност, кои доколку бидат потребни ќе бидат ставени во функција и во служба на граѓаните на општина Пробиштип и на цела територија на Република Македонија.