Атрактивната трка со магариња, по која богданското село Стојаково стана познато во цела држава, ќе се одржи денеска во рамки на културно спортската манифестација по повод меѓународниот Ден на трудот, 1-ви Мај.
Организаторите соопштија дека програмата ќе почне во 8 часот и 30 минути, со популарната трка со магариња по која ќе следува и трката со коњи. Потоа присутните ќе ги проследат трките на 100 метри за јуниори и сениори во женска и машка конкуренција, скокањето со вреќи, трката на 3.000 метри и натпреварот во влечење јаже.
– Спојот на минатото и сегашноста ги прави жителите на Стојаково горди,имајќи предвид дека овие натпревари се дел од нивниот живот и традиција која трае повеќе од 60 години, рече Анастасија Олумчева, градоначалничка на општина Богданци,која е покровител на манифестацијата.
Културниот дел од програмата ќе биде исполнет со настап на балетската група и КУД „Бранд Петрушев“ од Стојаково.