Во центарот на Киев вечерва ќе се одржат манерви на вооружените сили на Украина, соопшти денеска украинската Влада.
Во соопштението, објавено на веб страницата на Владата, се вели дека „ноќта на 30 април спроти 1 мај во главниот град ќе има тактичко-специјални вежби“.
До жителите и гостите на Киев е упатено предупредување дека низ централните улици на градот ќе минуваат „колони воени возила“.
Претходно денеска в.д. претседателот на Украина Олександар Турчинов изјави дека украинските Вооружени сили се во целосна борбена готовност поради „реалната закана“ од руското навлегување во Украина по копно.
Турчинов призна дека централната Влада не ја контролира ситуацијата во источните области Доњецк и Луганск.