Оклопни возила на украинската Армија денеска навлегоа во градот Славјанск, кој важи за главно упориште на проруските сепаратисти во источниот дел на Украина, јавија западните медиуми повикувајќи се на нивните дописници од теренот.
Истите извори информираат дека властите во Киев им наредиле на сепаратистичките активисти, кои го држат под окупација седиштето на локалните власти во Славјанск, под итно да го напуштат објектот.
Претставник на локалниот сепаратистички лидер Вјачеслав Пономарјов соопшти дека сите цивилни службеници во локалната самоуправа добиле наредба да ја напуштат зградата.
– Вооружените мажи што ја бранат општината остануваат на своите позиции, нагласи тој.
Западните медиуми тврдат дека од утрово украински војници во маскирни униформи со ознаки на десантните единици, заедно со шест оклопни возила БМД-3, се распоредени на десетина километри од Славјанск, во селото Малиновка што се наоѓа на главниот пат кон Доњецк.
Според истите извори, војниците поставиле контролен пункт на патот и ги проверуваат возилата кои се движат од и кон Славјанск.
Украинската Влада претходно најави дека по завршувањето на велигденските празници ќе ја возобнови „антитерористичката операција“, чија цел е да ги врати под контрола градовите во источниот дел на земјата со кои сега раководат локалните проруски сепаратисти.
Ослободувањето на противзаконски блокираните згради е еден од условите предвидени со Договорот за смирување на состојбата во Украина, посигнат минатиот четврток во Женева меѓу шефовите на дипломатиите на Украина, Русија, ЕУ и САД.