Договорот од Женева за смирување на состојбата во Украина не дава одговори на многу прашања, но сепак какви било преговори се подобри од војна, истакна времениот украински претседател Олександар Турчинов.
Како што јави ИТАР-ТАСС, во изјава за телевизијата „Украина“ Турчинов нагласил дека со догворот во Женева е направен само првиот чекор кон започнување на мировни преговори за решавање на украинската криза.
– Првиот чекор кон мировни преговори е направен. Времето ќе покаже колку се искрени намерите, потенцира Турчинов.
Шефовите на дипломатиите на Русија, Украина, САД и ЕУ во четвртокот, по седумчасовини разговори, постигнаа договор со кој се предвидени неколку почетни чекори за смирување на тензиите во Украина, кои, меѓу другото, вклучуваат ослободување на противзаконски заземените државни згради од страна на демонстрантите, разоружување на паравоените групи и воздржување од преземање насилни мерки.