Румер Вилис, најстарата ќерка на Брус Вилис и Деми Мур, објави неколку фотографии со семејството и пријателите на Instagram. Особено внимание привлече фотографијата на која нежно ја држи раката на образот на својот татко.
Румер покрај објавата напиша само „Благодарна“ и додаде срце. Фотографиите подоцна ги сподели и на Instagram Story, каде што ја додаде песната „You Are the Best Thing“ од Реј Ламонтејн.
Во објавата има и фотографии од нејзината тригодишна ќерка Луете, која ја има од врската со поранешниот партнер Дерек Ричард Томас. Споделена е и заедничка фотографија со сестрите Скаут и Талула и мајка ѝ Деми Мур, направена на овогодинешната гала на организацијата Baby2Baby.
Објавата доаѓа помалку од една недела откако Талула се извини за фотографија со татко ѝ, за која сметала дека можеби е премногу интимна за објавување на социјалните мрежи. На фотографијата, која во меѓувреме ја избриша, таа и Брус се држат за раце додека седат на лулашка на тремот.
„Знам дека сите го сакате. Јас го сакам. Моето семејство го сака. И тој сè уште е херојот каков што го знаеме“, напиша тогаш Талула.
Семејството во март 2022 година објави дека Брус Вилис боледува од афазија, нарушување што влијае врз способноста за комуникација, поради што актерот се повлече од глумата. Во февруари 2023 година беше соопштена и попрецизната дијагноза – фронтотемпорална деменција.
Неговата сопруга Ема Хеминг Вилис, која се грижи за него, во јуни за шпанскиот весник „El País“ изјави дека семејството одлучило јавно да зборува за болеста за да се промени начинот на кој луѓето ја доживуваат деменцијата и разговараат за неа.
Таа објасни дека не сакала нивните две деца да мораат да зборуваат за болеста на татко им шепотејќи, како да станува збор за „мрачна семејна тајна“.
