Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова утрово во Охрид ги пречека гостите учесници на самитот на Процесот Брдо – Бриони заедно со коорганизаторите, претседателите на Словенија и на Хрватска – Наташа Пирц-Мусар и Зоран Милановиќ.
По официјалниот пречек, почна работниот дел на состанокот, на кој присуствуваат и вршителот на должноста претседател на Србија – Александар Чупиќ, претседателот на Црна Гора – Јаков Милатовиќ, претседавачката и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина – Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ, како и претседателите на Албанија и Косово – Бајрам Бегај и Јустина Широка-Пула.
По завршувањето на средбата, во 14.30 часот е најавена заедничка прес-конференција на Сиљановска-Давкова, Пирц-Мусар и Милановиќ.
Во рамките на самитот е предвидено да се одржат и билатерални средби на учесниците.
Самитот во Охрид е трето македонско претседавање со Процесот Брдо – Бриони. Лидерите на земјите учеснички се состануваат еднаш годишно, со што одржуваат редовен политички дијалог.
Брдо -Бриони се заснова на солидарност и партнерство на земјите од регионот во процесите на европска интеграција, со цел поттикнување политички дијалог на највисоко ниво, зајакнување на довербата и интензивирање на дијалогот меѓу земјите од Западен Балкан и ЕУ.
Процесот ја зајакнува и унапредува регионалната соработка во областите од заеднички и споделен интерес (инфраструктурни проекти, транспорт, енергетска политика, овозможува размена на информации за внатрешната политичка состојба на земјите од регионот, конструктивна дискусија за прашањата и предизвиците наметнати од актуелната состојба во регионот и во Европа, заедничка анализа на влијанието на европските и глобалните случувања врз регионот и земјите поединечно и помага во зајакнувањето на економската соработка меѓу земјите и економскиот развој на регионот.
