Голманот на Баерн, Мануел Ноер (40), се разведува од сопругата Аника, а германскиот весник „Билд“ објави нови детали за неговата нова врска.
Жената со која неодамна беше виден во Бразил е 23-годишна физиотерапевтка која работи за германскиот голман, пренесуваат медиумите, повикувајќи се на извори блиски до клубот.
Наводно, нивниот однос веќе некое време е повеќе од професионален.
„Билд“ тврди дека парот е близок со месеци и дека врската не започнала за време на неодамнешното патување во Бразил. Исто така, откриено е дека кон крајот на септември престојувале заедно на Сицилија.
Според весникот, најконтроверзниот момент е самиот крај на бракот. Ноер наводно ѝ кажал на Аника дека сака развод само неколку дена откако кон крајот на август се родило нивното второ дете.
Според извештаите, таа веќе знаела за неговото познанство со друга жена. Заеднички пријатели и семејството на Аника се шокирани и огорчени од начинот на кој голманот на Баерн постапил при разделбата. Извори велат дека приоритет на Аника во моментов е благосостојбата на нејзините две мали деца.
Германските медиуми првпат известија за разделбата на 13 ноември.
Ноер (40) и Аника (26) се разделија по околу шест години врска. Парот стапи во брак на граѓанска церемонија на 12 ноември 2023 година, а во јули 2025 година организираа голема тридневна прослава во Јужен Тирол.
Нивното прво дете се роди на 14 март 2024 година, а второто кон крајот на август оваа година.
Германската телевизија „РТЛ“ објави информација дека парот всушност се разделил уште на почетокот на октомври. Ноер се иселил од семејниот дом, додека Аника останала со децата.
Ноер и 23-годишната девојка отпатувале во Бразил на 15 ноември, каде што престојувале во луксузно одморалиште, а биле и фотографирани во градот Бузиос.
Патувањето се случи додека Нојер беше надвор од терените поради повреда што ја заработи на 7 ноември, на натпреварот против Мајнц.
Од Баерн потврдија дека голманот претрпел делумно кинење на тетива на десното стапало. Спортскиот директор на клубот, Макс Еберл, изјави дека клубот го одобрил патувањето во Бразил за да му овозможи на Нојер одмор, пред да го интензивира процесот на рехабилитација за време на празниците.
