Ја пратија дома со дијагноза ангина – почина две недели пред нејзиниот шести роденден

Од:

Петгодишната Лајла Марсланд почина од менингитис само неколку часа откако лекарите ја отпуштија од болница со погрешна дијагноза – ангина, пренесува британскиот весник „Мирор“.

Болничката установа во рамките на британската Национална здравствена служба (NHS) ја призна кобната грешка по овој фатален пропуст и му исплати отштета на семејството.

Случајот, во кој болницата не успеа соодветно да ја процени состојбата, навреме да дијагностицира и да лекува смртоносна бактериска инфекција, предизвика лавина од гнев и револт во јавноста.

Трагедијата се случила кон крајот на декември 2023 година, кога мајката Рејчел, која и самата работи како медицинска сестра, ја однесе својата ќерка во болницата „Темсајд“ (Thamesside Hospital) поради силни главоболки, болки во вратот и гадење.

Иако мајката им укажа на дежурните лекари дека се сомнева на менингитис, тие ѝ дијагностицираа само тонзилитис (воспаление на крајниците), ѝ препишаа антибиотици за орална употреба, па ја испратија на домашно лекување.

Следното утро, Рејчел ја пронајде својата ќерка во кревет, без знаци на живот.

Екипата на брза помош, која брзо пристигна на местото на настанот, можеше само да констатира смрт кај малата Лајла – и тоа само две недели пред нејзиниот шести роденден.

По покренувањето на правна постапка, раководството на болницата призна дека девојчето требаше веднаш да биде хоспитализирано и итно да прими антибиотици интравенски.

Официјалната истрага потврди дека смртта настапи како последица на нелекуван пневмококен менингитис, при што директен придонес имала грубата небрежност на медицинскиот персонал.

„Ни се крши срцето кога знаеме дека Лајла не ја добила потребната грижа и дека, во моментот кога ѝ била најпотребна помош, тие целосно ја изневериле“, изјави неутешната мајка.

Претставниците на болницата упатија искрено извинување до семејството, ветувајќи дека ќе ги променат и заострат внатрешните протоколи.

Семејството сега е посветено на подигнување на свеста и апелира до сите родители никогаш да не се двоумат да побараат второ мислење од лекар, доколку имаат какви било сомнежи за здравјето на своето дете.

„Ако со тоа што излеговме во јавноста можеме да спречиме истата трагедија да му се случи на друго дете, тогаш смртта на нашата ќерка нема да биде целосно залудна“, додаде Рејчел.

Во спомен на девојчето, родителите ја основаа хуманитарната организација „Лајлино светло“, која обезбедува поддршка за деца што се соочуваат со загуба на брат или сестра; преку оваа фондација досега се собрани повеќе од 33.000 фунти.

Би можело да ве интересира

Британскиот премиер им порача на граѓаните да направат залихи од храна и вода

А1он

Стотици училишта во Велика Британија добија заканувачки пораки потпишани со „Алах акбар“

А1он

Русија предупреди: Секој напад на Калининград од Британија или НАТО ќе биде одвратен со сите средства, вклучително и нуклеарно оружје

(ВИДЕО) Драма во Британија: Авион се запали во воздух, пилотите се катапултираа пред падот

Обединетото Кралство пред распад: Лидерите на Северна Ирска, Шкотска и Велс потпишуваат историски договор

Предраг Петровиќ

Британец со руски шпиони планираше саботажи во фабрики за дронови во Англија

А1он