Јавната обвинителка Искра Хаџи Василева денеска по рочиштето за случајот против судијата Ѓоко Ристов оцени дека правните мислења приложени од одбраната немаат доказна вредност и не можат да влијаат врз одлуката на судот. По презентираните материјални докази на одбраната, меѓу кои и правни мислења и толкувања од универзитетски професори, обвинителката рече дека судот е должен да ги цени фактите и доказите изведени во постапката, а не ставови засновани на академски авторитет.
-Денека беа презентирани материјални докази на одбраната, а меѓу кои јазични толкувања, правни мислења кои ги даваат професори под плаштот на некаков академски авторитет, но во суштина тоа го симнува нивото на правната култура кај нас, бидејќи земено правно и професионално, тие немаат никакво тежина и значење. Судот го обврзуваат фактите и доказите изведени на рочиште. Правните мислења дадени како нечиј авторитет навистина не го обврзуваат судот и навистина е несериозно да се користат како докази, бидејќи во суштина не се докази и не можат да бидат докази – истакна Хаџи Василева која минатата недела беше избрана за шефица на ОЈО ГОКК.
Адвокатот на одбраната Ѕвонко Давидовиќ, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека одбраната се откажала од дел од предложените сведоци, бидејќи не успеала да стапи во контакт со нив и оцени дека нивното сведочење не би донело нови сознанија во постапката.
Тој информира дека финансиското вештачење што го побарала одбраната сè уште не е завршено, но оти е во завршна фаза и опфаќа анализа на банкарските сметки на шест лица.
Во однос на правното мислење на професорот Гордан Калајџиев, Давидовиќ посочи дека тоа е побарано од одбраната и се однесува на правната квалификација на делото, при што одбраната останува на ставот дека судија не може да биде опфатен со законското битие на кривичното дело за кое се товари Ристов – „злоупотреба на службената положба“.
Против судијата Ѓоко Ристов се води постапка поврзана со 350.000 евра пронајдени при претрес во домот на неговите родители во Неготино. Од Обвинителството претходно соопштија дека средствата не биле пријавени и дека нивното потекло не било поткрепено со докази.
Судскиот процес го води судијката Билјана Коцевска.
