Полициска акција во Штип и Скопје: Се истражува манипулирање со студентската евиденција на Универзитетот „Гоце Делчев“

Од:

Полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Штип, во координација со Одделот за криминалистичка полиција, СВР Скопје и Секторот за компјутерски криминал, спроведуваат акција и вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје. Во фокусот на истрагата е вработен на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, кој се сомничи дека подолг временски период манипулирал со електронската евиденција на студентите.

Според првичните информации, осомничениот бил на раководна позиција во ИТ-секторот на Универзитетот, што му овозможувало пристап до електронските системи и студентската евиденција. Се истражува сомнежот дека ја злоупотребувал таа можност за неовластени измени на податоците поврзани со студирањето и исполнувањето на академските обврски. Според досегашните сознанија, постои сомнение дека преку системот овозможувал внесување бодови од испити, запишување семестри иако студентите не ги исполнувале потребните услови, како и бришење или менување на веќе внесени оценки. Наводните манипулации, според првичните информации, главно се однесувале на студенти од Турција, а осомничениот за возврат добивал паричен надомест. За случајот се вршат претреси на повеќе локации, при што полицијата собира докази и проверува дали во незаконските активности биле вклучени и други лица. При претресот во домот на осомничениот е пронајдена поголема сума пари.

Истрагата треба да утврди во колкав временски период се случувале наводните манипулации, колку студенти биле опфатени и каква била евентуалната финансиска корист од овие активности. Се проверува и начинот на кој биле извршувани измените во електронската евиденција, како и дали постојат траги во системот што би ги потврдиле сомнежите.

Полициската акција е во тек. Повеќе информации за случајот, евентуалните кривични дела и понатамошните постапки се очекуваат по завршувањето на претресите и по целосното документирање на настанот.

Засега нема официјално соопштени детали од надлежните институции за идентитетот на осомничениот, точниот број на опфатени студенти и висината на пронајдените парични средства.

Би можело да ве интересира

Уапсена професорка на универзитетот во Штип, зела мито од 300 евра

Синдикати на пет јавни универзитети бараат потпишување на колективните договори и итен прием кај претседателот на Собранието

Штипскиот универзитет потпиша меморандум за соработка со Општина Прилеп