Излезните анкети покажуваат дека нема јасен победник на изборите во Израел; се чини дека ниту актуелниот премиер Бенјамин Нетанјаху, ниту неговиот главен противкандидат, Гади Ајзенкот, немаат директен пат до победата.
Според израелскиот „Канал 12“, се предвидува дека блокот на Нетанјаху ќе падне од 68 пратенички места во претходниот Кнесет на 50. Блокот на Ајзенкот имаше 52 места, додека излезните анкети укажуваат на тоа дека арапските партии освоиле рекордни 18 места.
Иако се очекува коалицијата на Нетанјаху – во која влегуваат крајно десничарски и ултраортодоксни партии – да биде помала, се предвидува дека неговата партија „Ликуд“ ќе има најголем број пратенички места во следниот Кнесет, односно 24, во споредба со 22 места за партијата на Ајзенкот, „Јашар“.
Првични изборни проекции во Израел, според анкетите спроведени при излегување од избирачките места (exit polls) на „Канал 12“:
Ликуд (Бенјамин Нетанјаху): 24 пратенички места
Јашар (Гади Ајзенкот): 22 пратенички места
Бајахад: 12 пратенички места
Заедничка листа: 11 пратенички места
Демократи: 9 пратенички места
Израел Бејтеину: 9 пратенички места
Шас: 8 пратенички места
Раам: 7 пратенички места
Оцма Јехудит: 6 пратенички места
Религиозен ционизам: 6 пратенички места
Обединет јудаизам на Тората: 6 пратенички места
Проекции по блокови:
Блокот на Нетанјаху: 50 пратенички места
Блокот против Нетанјаху: 52 пратенички места
Заедничка листа: 11 пратенички места
Раам: 7 пратенички места
За парламентарно мнозинство се потребни 61 од вкупно 120 пратенички места. За целосна победа, една коалиција мора да има најмалку 61 од 120-те пратенички места во Кнесетот. Судејќи според резултатите од анкетите, се чини дека ниту Нетанјаху, ниту Ајзенкот ја немаат таа предност.
Според податоците објавени заедно со излезната анкета на „Канал 12“, до 20:00 часот по локално време гласале 74,3 отсто од гласачите, што е повеќе во споредба со излезноста од 66,3 отсто во истиот период за време на изборите во 2022 година.
Избирачките места низ Израел се затворија во 22:00 часот по локално време (21:00 часот по македонско време). На граѓаните кои во моментот на затворањето сè уште чекале во ред, им беше дозволено да гласаат.
Ова се првични проекции засновани на излезни анкети, а не на официјалното пребројување на гласовите. Конечната распределба на пратеничките места може да се промени откако ќе бидат преброени гласовите.
Претседателот Исак Херцог ќе одлучи кој ќе добие можност да ја формира новата израелска влада, по објавувањето на изборните резултати и по консултациите со претставниците на партиите што освоиле места во Кнесетот.
