ВИДЕО: Тинејџер уби три деца и наставник во училиште во САД, ликвидиран од минувач

Од:

Три деца на возраст од пет, осум и 11 години и еден наставник загинаа во пукање во основното училиште „Силвер Рејл“ во градот Бенд, во американската сојузна држава Орегон. Шеснаесетгодишниот напаѓач бил убиен во училиштето од случаен минувач, соопшти полицијата.

Напаѓачот насилно влегол во училиштето, изјави началникот на полицијата во Бенд, Мајк Кранц. Станува збор за 16-годишник од локалното подрачје, а засега не е познато дали имал некаква поврзаност со училиштето, пренесе Би-Би-Си.

Во нападот тешко се повредени и седумгодишно дете и 54-годишен наставник. Двајцата биле пренесени во болница во критична состојба.

Полицијата добила пријава за пукањето во 12:59 часот по локално време. Првичната пријава се однесувала на маж кој пукал во автомобил со огнено оружје. Неколку минути подоцна пристигнале и дојави дека напаѓачот влегол во училиштето.

Според полицијата, случаен минувач тргнал по напаѓачот во училишната зграда и го усмртил. Полициските службеници пристигнале три минути подоцна, потврдиле дека напаѓачот е мртов и ја пребарале зградата.
Полицијата не ги објави идентитетите на напаѓачот и жртвите.

„Потресени сме и скршени од оваа бесмислена трагедија. Ниту еден збор не може да ја изрази тагата низ која минува нашата заедница“, изјави Стивен Кук, раководител на локалната училишна управа.
Наставата во училиштата во Бенд во петокот беше прекината. Основното училиште „Силвер Рејл“ го посетуваат околу 450 ученици, а во него работат повеќе од 40 вработени.

Во американските училишта минатата година биле регистрирани 235 пукања, а од почетокот на оваа година најмалку 140.

Насилството со огнено оружје е сериозен проблем во САД, каде што има повеќе парчиња огнено оружје отколку жители. Земјата бележи и највисока стапка на смртни случаи поврзани со огнено оружје меѓу развиените држави.

Пукањата во училиштата често предизвикуваат шок и гнев во американската јавност. Во 2022 година, масакрот во основното училиште во Увалде однесе 21 живот, меѓу кои и 19 деца.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Верува дека е Исус Христос – испука неколку куршуми пред Белата куќа пред да биде убиен

А1он

ВИДЕО: Тројца застрелани во пукање во трговски центар во Калифорнија

Оружен инцидент во црква Кентакти: Има мртви и ранети

Горан Наумовски