Европа инвестира во критични суровини, а Македонија треба да одлучи како ќе го искористи својот бакарен потенцијал

Од:

Европската Унија ја интензивира стратегијата за обезбедување критични минерални суровини преку 46 нови стратешки проекти, од кои 19 го вклучуваат бакарот. Овој метал има значајна улога во индустриското производство и енергетската инфраструктура, поради што неговото снабдување станува важно прашање за европската економија.
Во време кога Брисел поддржува проекти за ископ, преработка и рециклирање, Македонија се соочува со предизвикот да утврди како најдобро да ги искористи сопствените геолошки ресурси. Проектот „Иловица-Штука“, насочен кон ископ на бакар и злато, е меѓу најнапредните домашни проекти во оваа област.
Локалната иницијатива „И Здравје и Работа“ смета дека дебатата за рударството треба да се води врз основа на факти и стручни анализи, наместо да се сведува на политички пароли и однапред заземени позиции.
„Кога дебатата за рударството се сведува на политички пароли и категорично отфрлање на нови инвестиции, без сериозно разгледување на фактите, државата ризикува да се откаже од развојни можности, а граѓаните од потенцијални работни места и економски перспективи“, наведуваат од иницијативата.
Европскиот пакет опфаќа осум проекти за ископ, 11 за преработка и 19 за рециклирање, како и осум интегрирани проекти што комбинираат различни фази од синџирот на суровини. За овие проекти се предвидени механизми за европско финансирање и забрзани процедури за дозволи.
Овој пристап покажува дека минералните суровини се разгледуваат како дел од пошироката индустриска и економска стратегија. За Македонија, клучното прашање е како да ја процени вредноста на сопствените ресурси и да донесе одлуки што ги земаат предвид економските можности, еколошките ризици и долгорочниот јавен интерес.

„Комисијата ги оцени тие пријави во однос на нивниот придонес кон безбедноста на снабдувањето на Унијата со стратешки суровини, техничката изводливост, одржливото спроведување и прекуграничните придобивки“, соопштија од ЕК.

Во проектите доминира бакарот. Овој метал ќе се експлоатира од рудници во Грција (проектот „Скуриес“), Шпанија (проектот „Кобре Сан Рафаел“), Финска (проектот „Суханко“ и проектот за рудникот „Хауталампи“), Полска ( проектот за рудник „Ретков-Гродишче“) и Шведска (проектот за рудник „Вискарија“). Бакар ќе се преработува и во Бугарија (проект Пирдоп) и Белгија (проект OREON), а ќе се рециклира во уште единаесет постројки во Полска, Италија, Германија, Грција, Белгија и Холандија.

„Со овој втор бран на стратешки проекти, Европа ги засилува своите напори како никогаш досега за да ја врати својата сувереност над критичните суровини. Ги користиме сите расположливи средства за отворање на рудници, развивање на нашите капацитети за преработка и рециклирање и обезбедување на нашите синџири на снабдување. Нашиот пристап е едноставен: намалување на зависноста и зголемување на производството во Европа. Ги имаме ресурсите, проектите и финансиските средства – сега го забрзуваме темпото“, изјави Стефан Сежурне, извршен потпретседател на ЕК за индустриска стратегија.

Македонија се очекува да препознава стратешки проекти во рударството по усвојувањето на најавените нови закони за рударство и за геологија, кои предвидуваат и Листа на критични минерали. Претходно од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информирајќи за усвоената Стратегија за минерални суровини 2026-2046, истакнаа дека Македонија располага со разновиден геолошки потенцијал, меѓу кој има олово, цинк, бакар, злато, антимон и никел, како и мермер, травертин, гранит и варовник.

„Еден од главните приоритети е поголем дел од економската вредност да се создава во земјата. Тоа подразбира поголема поврзаност на рударството со домашното производство, развој на преработувачки и други индустриски капацитети и примена на современи технологии. Паралелно, се поставуваат повисоки стандарди за заштита на животната средина, транспарентност и заштита на јавниот интерес. Стратегијата е усогласена со европските политики, вклучително и Европскиот акт за критични суровини, што создава можности за поголемо вклучување на Македонија во европските индустриски синџири“, соопштија од Министерството.

Инаку, стратешките проекти на ЕУ утврдени со првиот повик во 2025-тата година веќе напредуваат кон целта да станат оперативни. Досега, 25 стратешки проекти ја завршиле проценката на влијанието врз животната средина, а 17 добиле градежна дозвола, благодарение на постоењето на единствени контакт-точки во земјите на Унијата кои помагаат да се забрзаат постапките за издавање дозволи.

Би можело да ве интересира

Критичните минерали отвораат нови можности за Македонија, но рударството се соочува со пад на производството и вработеноста

Активисти бараат Иловица да се избрише од Просторниот план, експертите со појаснување дека планот не значи отворање рудник

Европа бара поголема независност во снабдувањето со бакар, „Иловица–Штука“ како развоен потенцијал

Иловица и Плавица меѓу напредните рударски проекти: Струката ги посочува пречките за развој на критичните материјали

Европа гради стратешки резерви на руди, Иловица–Штука меѓу потенцијалните ресурси на Македонија

Критичните минерали стануваат стратешки приоритет, Македонија истражува антимон и планира развој на бакарот