Пејачката Селин Дион падна на сцената за време на концертот во Франција, но брзо се созеде и продолжи со настапот како ништо да не се случило.
Незгодата се случила во средата навечер во Нантер, каде што пејачката одржува концерти во рамки на серијата настапи „Селин Дион Париз 2026–2027“.
За време на изведувањето на една од песните, Селин Дион потскокнувала на една нога, а потоа ја загубила рамнотежата и паднала. Таа паднала на задникот, но со раката успеала да го ублажи падот.
Веднаш станала, кренала палец кон публиката за да покаже дека е добро и продолжила да пее.
Гери Франк, кој го снимил моментот, бил изненаден од падот на пејачката, а во првиот момент и се загрижил. Сепак, како што изјавил за „СториФул“, бил воодушевен од тоа колку брзо се снајде и продолжи со настапот.
Тој додал дека незгодата воопшто не влијаела врз остатокот од концертот.
Селин Дион во последните години се повлече од концертните сцени поради синдромот на вкочанета личност, редок невролошки синдром кој предизвикува вкочанетост на мускулите и болни грчеви.
И покрај здравствените проблеми, пејачката во 2024 година спектакуларно се врати пред публиката со настап на отворањето на Олимписките игри во Париз.
Сега со новата серија концерти повторно се враќа на редовните настапи, а публиката имаше можност да види дека и покрај незгодата на сцената, таа е подготвена професионално да го заврши настапот.
