Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција посочуваат дека против сопственикот на кочанската дискотека „Пулс“, Дејан Јовановски-Деко, е отворена нова истрага за кривичното дело „Давање поткуп“, поради што бараат да му биде одреден притвор.
-Осомничениот дал поткуп на службено лице во Министерството за економија за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши, односно да му обезбеди лиценца за вршење угостителска дејност, без воопшто да поднесе барање за лиценца и во услови кога знаел дека неговиот објект не исполнувал законски услови.
Поради опасност од бегство на осомничениот за ова кривично дело за кое е предвидена казна затвор од 1 до 10 години, како и фактот дека против него се води уште една кривична постапка за Тешки дела против општата сигурност, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор, велат од Обвинителство.
Оттаму додаваат дека мерката притвор е апсолутно неопходна.
-Имено, осомничениот до сега беше обезбеден како обвинет во друга постапка. Но, со оглед на тоа што во однос на тоа дело истекуваат законските рокови за обезбедување, а јавниот обвинител од ОЈОГОКК продолжува да прибира докази во однос на дејствијата на поткуп, тој процени дека ризиците за обезбедување на осомничениот се големи и побара да му биде определена притворска мерка.
Јавното обвинителство оценува дека притворот е апсолутно неопходна мерка за обезбедување на присуството на овој осомничен, ценејќи ги сите околности и основи.
Службеното лице кое го примило поткупот веќе е обвинето и против него се води судска постапка за дејствија на примање поткуп, појаснуваат од Обвинителството
