Голем топлотен бран повторно ќе зафати делови од Европа, а според прогнозите на метеоролошкиот портал Severe Weather Europe, невообичаено високите температури би можеле да се задржат до почетокот на октомври.
Според анализата објавена денеска, над Европа се развива силен антициклонален систем, односно таканаречена „топлотна купола“, која ќе повлекува многу топол воздух од северна Африка и Медитеранот кон централните и северните делови на континентот.
Температурите на височина од околу 1.500 метри локално би можеле да бидат дури од осум до 12 степени над долгорочниот просек. Во одделни подрачја дневните температури при тлото би можеле да се приближат или да надминат 30 степени.
Особено изразен топлотен бран се очекува на Пиринејскиот Полуостров, каде температурите во Шпанија и Португалија би можеле да достигнат од 35 до 40 степени. Многу топло ќе биде и во Франција, додека во Германија се очекуваат температури меѓу 27 и 29 степени.
Според прогнозата на Severe Weather Europe, од викендот многу топол воздух би требало да се шири кон централна Европа и Балканскиот Полуостров.
Во Италија и централниот Балкан температурите би можеле да достигнат од 28 до 30 степени, додека најизразена температурна аномалија се очекува над северните и централните делови на Балканот, како и во Грција.
Метеоролозите наведуваат дека стабилното и суво време над поголемиот дел од континентот би можело да се задржи и на почетокот на октомври. Топлотната аномалија би требало да се шири од Франција кон Германија, Данска, Шведска и Финска.
Станува збор за подрачје со висок воздушен притисок кое се задржува над голем простор и го потиснува воздухот кон тлото. Со спуштањето на воздухот доаѓа до негово загревање, додека стабилната атмосфера истовремено го отежнува развојот на облаци и врнежи.
Таквиот временски образец може да доведе до повеќедневен период со невообичаено високи температури.
Severe Weather Europe предупредува дека долготрајната изложеност на високи температури може да претставува ризик за здравјето, особено за повозрасните лица, децата и лицата со постојни здравствени проблеми.
Според актуелните долгорочни модели, топлото време би можело да се задржи и во првите денови од октомври, по што временската ситуација над Европа би требало да стане подинамична.
