Работните спорови ја чинеле државата 64 милиони евра, тројно зголемен бројот на тужби

Од:

Државата за период од 2020 до 2025 година исплатила 3,97 милијарди денари, односно околу 64,4 милиони евра, по основ на судски постапки од работни спорови, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија.

Ревизијата на успешност на тема „Ефектите на судските постапки од работен спор врз буџетот на државата“ утврдила дека не е воспоставен ефикасен и системски пристап за управување со работните спорови, што се одразува и преку континуираниот раст на бројот на предметите и финансиските обврски.

Бројот на предметите во работа се зголемил од 9.361 во 2021 година на 24.556 во 2025 година.

Од вкупно исплатените 3,97 милијарди денари, 95,36 отсто биле исплатени по пат на налози за извршување, а 4,64 отсто со доброволна исплата.

Најголем дел од средствата, 2,05 милијарди денари или 51,61 отсто, се однесуваат на главен долг. Останатите 1,92 милијарди денари, односно 48,39 отсто, се однесуваат на камати, трошоци за парнична постапка и извршни трошоци.

Според ревизорите, ваквите финансиски импликации се поврзани и со слабости во системот за управување со работните спорови.

Постојната законска и подзаконска регулатива не обезбедува целосно усогласен и функционален систем, а утврдените недоречености и неусогласености доведуваат до различни толкувања и нееднаква примена на прописите.

Во најголем дел од институциите нема системски пристап за следење и анализа на причините за поведување работни спорови и нивниот исход. Ограничена е и примената на алтернативни начини за решавање на споровите.

Државниот завод за ревизија констатира и дека Државното правобранителство претежно има реактивна улога, односно е насочено кон застапување во веќе започнати судски постапки, без доволно развиена превентивна и советодавна функција.

Дополнително, начинот на евидентирање на предметите и извршување на плаќањата не обезбедува доволно структурирани и аналитички податоци за целосно следење на обврските и нивната структура, со што се ограничува можноста за ефикасно управување со финансиските ризици.

Државниот завод за ревизија препорачува воспоставување ефикасен систем за управување со работните спорови, подобрување на законската рамка, унапредување на евиденцијата и аналитичкото следење на предметите, како и зајакнување на механизмите за управување со финансиските импликации врз државниот буџет.

Би можело да ве интересира

Милиони евра за неискористена опрема, адитив со истечен рок и спорни анекси – ДЗР откри низа пропусти во јавните набавки на ЕСМ

Катерина Ѓуровски

Леб од 126 денари за килограм, неискористени душеци и двајца директори на платен список – што откри ревизијата во „Пелагонија“

Ревизијата откри низа пропусти во ФЗО – доцнат реформи, контролите се недоволни

Горан Наумовски

Ревизорите алармираат: Комисијата за заштита на конкуренцијата без целосен состав и со финансиски пропусти

Општините имаат дури 50 милиони евра ненаплатен данок на имот

Ревизорите открија слабости во Агенцијата за нафтени резерви: Седум години невратена позајмица на мазут