Русија мора да ја заврши специјалната воена операција со победа што ќе стави крај на целата приказна и ќе го испрати режимот во Киев во историски заборав, изјави претседателот на партијата „Единствена Русија“.
Изјавите за наводните намери на Москва да ја нападне „Европа“ се наменети за себичните европски политичари за да го оправдаат натамошното трошење пари за помош на Украина и да си го обезбедат опстанокот на власт, рече Дмитриј Медведев, заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија.
Медведев, кој е и претседател на партијата „Единствена Русија“, е во посета на северозападниот дел на земјата во рамките на кампањата за претстојните парламентарни избори.
„Ние немаме воени цели во однос на Европа. Во принцип, сметавме дека немаме ништо заедничко со нив. Секогаш сме биле подготвени за економска соработка. Но, сега, она што го зборуваат – дека Русија ќе ја нападне Европа – има за цел што? Да се оправда помошта за Украина, а истовремено да се постигне она што тие го нарекуваат геополитички пораз на Русија“, рече тој во видео објавено на платформата „Макс“ (Max).
Бидејќи животот во земјите на ЕУ во моментов „не е најлесен“ поради антируската блокада, нивните лидери измислуваат фантомска руска закана како најдобар начин да „извлечат“ уште една милијарда евра за продолжување на војната во Украина, додаде Медведев.
Тој истакна дека гласините во медиумите за наводна мобилизација во Русија се „лаги, измами и провокации со цел да се предизвика забуна кај народот, особено во пресрет на изборите за Државната дума“.
„Можам со целосна сигурност да кажам: нема потреба од мобилизација, бидејќи темпото на регрутирање по договор е токму во рамките, па дури и над она што го проектиравме“, додаде Медведев.
