Премиерот на Србија во технички мандат, Ѓуро Мацут, денеска изјави дека забраната за прелет преку БиХ нема да го спречи вечерва да биде во Бања Лука и да присуствува на прославата на Денот на српското единство, слободата и националното знаме.
– Ако не можев да одам со авион, ќе одам со автомобил. За мене е важно да бидам со нашиот народ и заедно, достоинствено и во мир, да го прославиме Денот на српското единство, слободата и националното знаме – рече Мацут во писмена изјава за српските агенции.
Тој оцени дека во Европа во 21-от век е навистина несоодветно да се користат административни мерки за да се спречи некој да дојде на прослава на празник што никого не загрозува и не е насочен против никого.
– Токму ваквите потези нè враќаат сите нас во регионот назад, а не празниците на кои го славиме нашето единство, слобода, историја и знаме, притоа почитувајќи ги сите други и нивното право да ги зачуваат своето име, идентитет и традиции – истакна Мацут.
Тој додаде дека таквите одлуки можат само да предизвикаат жалење и дека тие зборуваат многу повеќе за оние што ги носат.
– Нема да одговориме со подигнување на тензиите. Србија ќе продолжи да подава рака за соработка и да ги почитува цивилизациските стандарди за слобода на движење и добрососедски односи, да ги почитува другите, но и да го зачувува и почитува она што е нејзино – рече Мацут.
