Притворот на Дејан Јованов истекува на 3 октомври: Не негираме вина, негираме умисла, вели одбраната

Од:

Одбраната на првообвинетиот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, најави дека во текот на оваа недела ќе поднесе гаранција во имот за определување мерки на претпазливост, со оглед на тоа што на 3 октомври по сила на законот му истекува едногодишниот притвор.

Адвокатката Ивана Коцевска на денешното рочиште во судницата во „Идризово“ при Основниот кривичен суд Скопје побара дозвола од судот нотар да го посети Јованов во притвор за да се завери изјава за согласност за оптоварување на имотот што ќе биде понуден како дел од гаранцијата.

– По сила на законот на Дејан Јованов му истекува притворот на 3 октомври и тоа не е по вина на одбраната, туку по закон. Имајќи предвид дека судот може да даде само мерки на претпазливост, најавуваме дека во текот на оваа недела ќе биде поднесен предлог за определување гаранција – изјави Коцевска.

Вината зошто на овој судски процес сè уште не му се гледа крајот, според Коцевска, се широкото опфатено обвинение и долгата временска рамка и неможноста за докажување на одговорност.

– Не ја негираме одговорноста на Дејан за настанот, туку бариме да му бидат почитувани неговите права. Фер постапка и фер судење не е привилегија на обвинетиот, туку гаранција и мора да се почитува и во најтешките предмети – изјави Коцевска.

Коцевска нагласи дека одбраната е спремна да предложи гаранција заради поголема сигурност и за судот и за јавноста дека Јованов ќе биде обезбеден, присутен и достапен во целост во понатамошниот тек на оваа постапка.

Одговарајќи на новинарско прашање на пауза од денешното рочиште, Коцевска нагласи дека тие не негираат одговорност кај Дејан Јованов, туку дека нивната борба е да се утврди реална правна квалификација за одговорноста кај него, што, како што нагласи, „не може да биде со умисла, туку може да биде само од небрежност“.

– Ние не дадовме признание на вина во текот на постапката од проста причина што ја негираме правната квалификација на делото. Умислата ја негираме. Со самото тоа ние не ја негираме одговорноста што постои кај Дејан Јованов. Кај Дејан Јованов де факто постои одговорност, меѓутоа не на начинот кој тоа е срочено во обвинението. И затоа бараме да се дозволи да му се почитува правото и на фер начин да се утврди неговата одговорност за која ние се бориме – изјави Коцевска.

Судијката Дијана Груевска-Илиевска постети дека уште од почетокот на судскиот процес се почитува и ќе се почитува законот и правото за секој.

– Точно е дека ниту по ваша вина, на одбраната, ниту на судот, притворот од една година мора да заврши – изјави судијката Груевска-Илиевска.

Денешното рочиште на судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени, продолжува со дополнителни прашања од Обвинителството за градежните вештаци што учествувале во изработката на градежното вештачење на Обвинителството.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Со изведувањето на градежното вештачење, изработено од тим од Градежниот факултет при УКИМ, и распит на вештите лица што го изработиле, како што е најавено, треба да заврши со изведувањето докази од Обвинителството по што треба да почне со изведување на докази одбраната.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Ова е една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата.

Би можело да ве интересира

Продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани

Савески: Законските рокови за притвор во „Пулс“ мора да се почитуваат

Горан Наумовски

Левица: Деко го дочекува крајот на притворот, а судењето уште долго ќе трае

Од 2012 до 2025 немало ниту една противпожарна контрола во „Пулс“, сведочеше вештото лице

Марковски: Инспекторите можеле и морале да ја затворат „Пулс“ поради незаконските зафати

Горан Наумовски

Со распит на градежните вештаци продолжува судењето за пожарот во „Пулс“