Петнаесетгодишно момче преживеало речиси три дена држејќи се за превртен чамец во Беринговото Море, додека неговиот брат и братучед загинале. Го спасила екипажот на рибарски брод во близина на островот Сент Лоренс, кој е дел од Алјаска и се наоѓа во Беринговото Море, недалеку од руското крајбрежје.
Тројцата млади се упатиле со чамец од островот Сент Лоренс во петокот, а требало да се вратат до недела наутро. Откако не се појавиле, семејството пријавило дека се исчезнати во неделата навечер.
Американската крајбрежна стража следното утро започнала потрага со авиони и хеликоптери. Момчето на крајот го пронашол екипажот на рибарскиот брод „Northwest Explorer“, додека сè уште се наоѓало на превртениот чамец. Властите не ги објавиле имињата на тројцата млади.
Една од воздушните екипи го забележала преживеаното момче во понеделникот, на трупот на превртениот чамец. Му спуштиле спасувачки сплав и залихи, а потоа стапиле во контакт со рибарскиот брод „Northwest Explorer“, кој се наоѓал во близина.
На снимката од спасувањето се гледа како екипажот фрла јаже кон момчето и го привлекува неговиот чамец, по што успеваат да го качат на безбедно.
New video shows the rescue of a 15-year-old boy who was the lone survivor of a fishing boat that overturned in frigid waters near St. Lawrence Island.
WATCH ➡ https://t.co/XNvVVy8NNy pic.twitter.com/VMasraCst8
— Alaska's News Source (@AKNewsNow) September 10, 2026
„Се држеше за тој чамец речиси три дена. Тоа е неверојатно издржливо момче“, изјавил за локалната телевизија KTUU капетанот на рибарскиот брод, Адам Вајт.
Според извештајот на крајбрежната стража, момчето по пристигнувањето на бродот покажувало знаци на хипотермија. Екипажот го загреал со ќебиња и термофор.
„Иако се тресеше од студ, успеа да каже дека неговиот брат сè уште е под чамецот“, раскажал Вајт.
Тој додал дека братучедот на момчето во текот на ноќта пред да пристигне екипажот едноставно се лизнал во морето.
Откако момчето било спасено, биле пронајдени телата на неговиот брат и братучед. Властите продолжуваат со утврдување на сите околности на несреќата.
