Дваесет стихозбирки во поширок избор за наградата „Антево перо“

Од:

Во годината кога одбележуваме 95 години од раѓањето на великанот на македонската поезија – Анте Поповски, а меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ се организира по деветти пат, ни претставува огромно задоволство што Конкурсот за доделување на наградата „Антево перо“ побуди неверојатен интерес кај творците на потската реч. Горди сме и почестени што на Конкурсот учество зедоа неверојатни 115 збирки и автори од Македонија и светот. Ваквиот одзив не се памети до сега на ниту еден друг конкурс за поезија кај нас!

Среќни сме што делото на Анте Поповски е силен мотив за поетско творештво кај поетите од неговата Македонија и Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски упатува огромна благодарност до сите кои ја споделија со нас нивната поетска збирка. Упатуваме голема благодарност и до авторите од Турција, Германија, Шведска, Србија, Норвешка, Белгија, Црна Гора, Полска, Велика Британија, САД и Хрватска кои, исто така, зедоа учество на Конкурсот. Трендот што започна минатите години и на што Здружението особено се гордее, е тоа што наградата „Антево перо“ и името и творештвото на Анте Поповски и оваа година беа вистински магнет учество да земат и автори од други етнички заедници.

Пристигнатите 115 поетски збирки се одликуваат со оригиналност и креативност во поетскиот израз, а некои од нив со нивната хибридност и експерименталност, повторно покажуваат дека поезијата е уметнички медиум кој креира посебни литературни светови кои не познаваат граници. Затоа, жири-комисијата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Виолета Танчева Златева (членови), во изминатиот период имаа тешка задача при темелното разгледување и анализирање на пристигнатите збирки. На својот прв состанок по завршувањето на Конкурсот, по плодната дискусија, жири-комисијата издвои 20 поетски збирки кои се во поширок избор за наградата „Антево перо“ и тоа: Ерол Туфан – „Недовшени песни“, Белинда Сипкоска Гаштарова – „Домот ми е полн со небо“, Емељ Туна – „Анатомија на бршленот“, Шифра: Змијско грозје – „Женска дивина – машко техне“, Лидија Размоска Тримовска – „Патот до Огнена“, Јулијана Младеновска Тешија – „Чекркот“, Наташа Лазарева – „Живот во три здивови“, Сефер Рамиз Рамче – „Крвави солзи, Александар Спасовски – „Пловидба“, Пајо Авировиќ – „Ние двајцата“, Александар Русјаков – „Дегустација на жената“, Деспина Сиљаноска – „Оракулиум“, Софија Грандаковска – „Архивски песни“, Милош Соколиќ – „Име во идно време“, Маја Мојсова – „Ајта“, Даниела Андоновска Трајковска – „Ако не се отвори фиоката мачката ќе биде жива“, Маику – 7/8 слобода, Ивана Брезовец – „Булките над градот“, Слаѓана Ставрева – „Ткајачки на светови“ и Шифра: Допри го ветрот – „Изида од алабастер“. Редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.

И овојпат, жири-комисијата, со особено задоволство и внимание, го проследи учеството на младите автори. Во поширок избор за наградата „Антев часовник“, која се доделува на млад автор за поетско творештво на македонски јазик со забележителни поетски квалитети, жири-комисијата издвои 7 збирки поезија и тоа: Лиле Стефановска – „Здивот на твоето отсуство“, Дарија Јовановска – „Протекување“, Бојан Димовски – „Гареж од метафори“, Ива Додевска – „Координати на притајот“, Васја Мицковски – „Патот дома“, Марија Велинова – „Штрингла“ и Дарија Трендафиловска – „Параферналија“. И во овој случај, редоследот на номинираните е според нивното пристигнување на електронската адреса.

На следниот состанок, комисијата ќе го стесни изборот за наградите, за што ќе следи ново соопштение.

Би можело да ве интересира

Осум стихозбирки во потесен избор за наградата „Антево перо“