Македонија и денеска останува под влијание на топлотен бран, а според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во делови од земјата температурата ќе достигне до 40 степени Целзиусови.
Времето ќе биде претежно сончево со мала локална облачност и слаб до умерен ветер од променлив правец. Утринските температури ќе се движат од 12 до 19 степени, додека дневните ќе достигнат меѓу 33 и 40 степени. Во Скопје се очекува сончево и многу топло време, со максимална температура до 39 степени.
Од УХМР најавуваат дека жешкото време ќе продолжи и во наредните денови. Од утре до крајот на неделата во попладневните часови ќе има услови за локална нестабилност, проследена со краткотраен пороен дожд и грмежи, но без значително намалување на температурите.
Високите температури веќе се одразуваат врз здравјето на граѓаните. Од Итната медицинска помош информираат дека бележат значително зголемен број повици, а дневно примаат повеќе од 200 повици поврзани со колапси, прегревање на организмот и влошување на здравствената состојба.
Даниел Георгиевски од Итната медицинска помош изјави дека интервенциите на јавни места, најчесто поради последици од екстремната жештина, се многу почести отколку вообичаено.
„Просечно имаме меѓу три и пет интервенции дневно поврзани со колапси, но во одредени денови бројката е и поголема. Забележуваме повеќе повици од граѓани кои пријавуваат симптоми како гадење, малаксаност, прегревање на телото и топлотен удар“, посочи Георгиевски.
Поради топлотниот бран, Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) ги повика граѓаните строго да ги почитуваат мерките за заштита. Оттаму предупредуваат дека високите температури можат сериозно да го нарушат механизмот за ладење на организмот, особено кога воздухот е влажен, што го зголемува ризикот од топлотна исцрпеност и топлотен удар.
Најзагрозени се лицата постари од 60 години, децата, бремените жени, хронично болните, работниците кои работат на отворено и лицата со кардиоваскуларни, белодробни, бубрежни и метаболни заболувања.
Од ИЈЗ препорачуваат во периодот од 11 до 17 часот да се избегнува престој на директно сонце, да се внесуваат доволно течности, да се носи лесна и светла облека и да се престојува во климатизирани простории. Се советува и избегнување на алкохол, тешка и масна храна, како и намалување на физичката активност во најтоплиот дел од денот.
Доколку се појават симптоми како вртоглавица, силна жед, главоболка, гадење или слабост, лицето треба веднаш да се премести на поладно место, да внесува течности и да побара лекарска помош доколку состојбата не се подобри. Во случај на губење на свеста, топла и сува кожа или сомнеж за топлотен удар, неопходно е веднаш да се повика Итната медицинска помош на 194 или на единствениот број за итни случаи 112.
