Холивудскиот актер Џорџ Клуни и неговата сопруга Амал Клуни беа принудени да го напуштат својот дом во Франција поради големите шумски пожари што зафатија делови од Европа.
Брачниот пар, заедно со нивните деветгодишни близнаци, Александар и Ела, беше евакуиран од местото Брижол во регионот Прованса-Алпи-Азурен Брег.
Претставник на семејството Клуни потврди дека за евакуацијата го известиле градоначалникот на Брижол, Дидие, преку писмо.
„Во овој момент немаме претстава дали нашиот прекрасен дом ќе ги преживее овие страшни моменти“, напишале Џорџ и Амал Клуни.
Тие изразиле надеж дека сите жители на местото се безбедни и нагласиле дека се силно поврзани со локалната заедница.
„Амал и јас сакаме да кажеме дека, без разлика што ќе се случи со нашето село, ќе останеме дел од оваа заедница и ќе учествуваме во нејзината обнова. Го сакаме Брижол и нашите пријатели кои живеат таму“, порачаа Клуни.
Шумските пожари во Франција зафатија површина неколку пати поголема од Париз. Според достапните информации, од различни загрозени подрачја биле евакуирани стотици илјади луѓе.
Во регионот Прованса-Алпи-Азурен Брег, каде што се наоѓа домот на семејството Клуни, илјадници жители биле принудени да ги напуштат своите домови.
Големи пожари се регистрирани и во други делови на Европа. Во Шпанија десетици илјади луѓе се евакуирани од загрозените области, додека во Грција двајца пожарникари загинаа при гаснењето на огнената стихија.
