Со 15 минутно чекање за влез од македонска страна, и 30 минути застој за влез во соседна Грција продолжува да се одвива сообраќајот на граничниот премин во Дојран, по завршувањето на денешниот најавен штрајк на грчките цариници, соопштија од ГП „Дојран“.
Оттаму велат дека штрајкот во најавениот период од пет до девет часот наутро, по македонско време, не создал проблеми во сообраќајот, бидејќи граѓаните кои биле навремено информирани, го одложиле патувањето. Истовремено, и од МВР соопштуваат дека нема поголем застој на трите гранични премини со Грција, на кои за утрото беше најавен штрајк на грчките цариници, а бројот за влез и излез на патници се движи во нормални граници.
-Немавме зголемена фреквенција на сообраќај во спомнатиот период од пет до девет часот. Очигледно граѓаните беа информирани, па почнаа да доаѓаат по девет часот. Во тој период возила периодично се пропуштаа од грчка страна, информираа за МИА од ГП „Дојран“.
Според информациите од МВР, на истиот граничен премин од вчера до денес напладне влез во државата оствариле 1523 македонски државјани, а излез оствариле 210 македонски државјани. Бројот на странски државјани кои во истиот период влегле во нашата држава изнесува 1386, а излез оствариле 1824 лица.
-На граничниот премин „Богородица“ во Гевгелија за истиот период влез во државата оствариле 4511 македонски државјани, а излез оствариле 3953 македонски државјани. Што се однесува до странските државјани во истиот период влез во нашата држава оствариле 7462, а ја напуштиле нашата држава 8154 лица, соопштија од МВР.
Денешниот штрајк ги опфати трите гранични премини меѓу двете земји – Евзони (Богородица), Дојрани (Дојран) и Ники (Меџитлија). На наведените гранични премини патничките возила се пропуштаа периодично додека товарниот сообраќај беше целосно во прекин за влез и излез од Република Грција.
