Панчев: Шпанија беше доминантна, фудбалот се менува – ерата на големите поединци завршува

Од:

По синоќешното финале меѓу Шпанија и Аргентина, во кое „Црвената фурија“ одигра убедливо и доминантно и на крајот триумфираше, спуштена е завесата на Светското првенство кое собори многу рекорди.

Во интервју за „Еуроњуз Србија“, славниот македонски фудбалер и легенда на „Црвена ѕвезда“ – Дарко Панчев, ги сумираше впечатоците од Светското првенство, ја анализираше играта меѓу Шпанија и Аргентина, судбината на големите ѕвезди како Меси, влијанието на ВАР-технологијата и промените во модерниот фудбал.

Панчев очекуваше успех на Шпанија, но не во толкава мера.

„Очекував Шпанија да биде доминантна. Можеби не до тој степен, бидејќи беше навистина неверојатно тоа што екипа како Аргентина не упати ниту еден удар кон голот на Шпанија во текот на 90 минути. Но, тие така играат, тие доминираат. Доминираа на целото Светско првенство; го играат својот фудбал уште од времето на онаа генерација што првпат стана светски првак во 2010 година“, рече Панчев.

Тој особено ги истакна Меси и неговиот придонес за Аргентина.

„Аргентина си игра во свој стил. Го имаа тој волшебник, Меси, кој веројатно е најдобриот, најголемиот фудбалски волшебник во овие 20 години… Тој многу ѝ помогна на таа репрезентација еднаш да стане светски првак и двапати да загуби во финалето. И мислам дека е нормално – полека доаѓа времето кога сето тоа завршува. А луѓето ќе го паметат како еден од најголемите играчи, во тоа нема сомнеж“, вели тој.

Легендарниот напаѓач критички се осврна на модерните интервенции во играта.

„Мојата улога беше да постигнувам голови. Честопати бев во таа улога. Кога ќе постигнеш гол, едноставно те преплавува чувство на радост и слично. Но, сега работите полека се менуваат. Играчите не можат ниту вистински да се израдуваат, бидејќи чекаат да видат дали ќе има некакви промени… Тоа многу ги вознемирува играчите во таа смисла. Гледано од тој аспект, ситуацијата не е баш најдобра, бидејќи понекогаш треба да му се дозволи на судијата да направи грешка“, вели тој и додава:

„Денес, човеку, на фудбалот не му треба судија, бидејќи сè одлучува ВАР (VAR). Дури и кога судијата греши, а и кога не греши, ВАР сепак се меша во сè тоа. Сите сме луѓе од крв и месо; понекогаш треба да им се дозволи на луѓето да бидат поконцентрирани – некогаш грешат, а некогаш носат добри одлуки. Тешко ни е да се навикнеме на сите овие промени, но што да се прави, така е како што е“, вели Панчев.

Панчев го коментираше и проширувањето на Светското првенство на 48 репрезентации.

„Големите репрезентации во своите групи имаат противници со многу послаб квалитет и речиси сите (99 отсто од нив) се пласираат понатаму, а шанса добиваат и многу помали репрезентации. Значи, има и добри и лоши страни, но повторувам – фудбалот го води одредена група луѓе, а ние се навикнуваме на сето тоа; што да се прави“, вели голгетерот.

Дарко Панчев заклучи дека Шпанија заслужено ја освоила титулата и дека оваа генерација ќе доминира во годините што доаѓаат, додека ерата на големите поединци полека се ближи кон крајот.

Би можело да ве интересира

Меси: Болката е огромна, ќе биде потребно време оваа рана да зарасне

А1он

(ВИДЕО) Паричката што ја закопа Кукуреља заврши работа – Шпанија е шампион

А1он

ВИДЕО: Хаос во Аргентина по поразот во финалето, најмалку 15 уапсени

ВИДЕО: Не ги сака Шпанците, ама Трамп не можеа да го тргнат од бината при прославата на титулата

Шпанија е нов светски шампион! Во финалето ја совлада немоќната Аргентина по продолженија

Предраг Петровиќ

Историско полувреме за светот, македонските гледачи добија реклами и катастрофален пренос

Предраг Петровиќ