Со дронови и „Безбеден град“ пронајден превртениот мерцедес кај Блаце

Од:

Министерството за внатрешни работи објави нови официјални детали за тешката сообраќајна несреќа на патот кон граничниот премин Блаце, во која загинаа три лица. Возилото било пронајдено по опсежна полициска потрага во која биле вклучени дронови и системот „Безбеден град“.

Исчезнувањето на патниците било пријавено на 19 јули во 13:40 часот во Полициската станица Бит Пазар. Пријавата ја поднел 56-годишниот М.Ш. од Косово, кој пријавил дека не може да стапи во контакт со својата сопруга Ф.Ш.Т., нејзиниот брат У.Т. и неговата сопруга Џ.К., откако тројцата во саботата околу 22:15 часот со автомобил заминале од Меѓународниот аеродром Скопје.

По пријавата, СВР Скопје веднаш ги ангажирало полициските екипи од ЕВР Чаир, ЕВР Центар и Единицата за интервентна полиција. Биле прегледани снимките од системот „Безбеден град“, а откако било утврдено дека возилото не ја напуштило државата преку граничниот премин Блаце, во потрагата бил вклучен и полициски дрон.

Возилото било лоцирано во 22:35 часот. Станува збор за „мерцедес“ со германски регистарски таблички, кој излетал и се превртел на делницата од автопатот Скопје – Блаце што сè уште е во изградба и е затворена за сообраќај.

Според МВР, во несреќата загинале:

У.Т. (64) од Косово, со живеалиште во Германија, кој управувал со возилото,
Ф.Ш.Т. (56) од Косово, со живеалиште во Германија,
Џ.К. (54) од Турција, со живеалиште во Германија.

Лекар од Итната медицинска помош констатирал смрт кај сите тројца на местото на несреќата.

Увид на местото извршиле јавен обвинител и увидна екипа на СВР Скопје, а по наредба на обвинителот телата на починатите се предадени на обдукција. Истрагата треба да ги утврди сите околности и причините што довеле до оваа тешка сообраќајна несреќа.

Би можело да ве интересира

Трагедија на патот Блаце–Скопје: Во превртен „мерцедес“ пронајдени мртви три косовски државјани

Катерина Ѓуровски

Сообраќајка во центарот на Скопје – повреден е мотоциклист

А1он

Жена загина во сообраќајна несреќа кај Струмица

Се судрија автомобил, мопед и тротинет во скопски Чаир

А1он

Во сообраќајка загина 28 годишник од Крива Паланка – со возилото удри во бетонски ѕид

А1он

Тешка сообраќајка на патот Штип – Пробиштип, се судрија две возила додека го избегнуваа локалниот пожар

А1он