Бимилк и НУ Народен театар – Битола воспоставија партнерство насочено кон поддршка на културата, уметноста и развојот на локалната заедница. Партнерството беше официјализирано со потпишување на договор за соработка помеѓу Полексена Јанкуловска, маркетинг директор на Бимилк и Васко Мавровски, директор на НУ Народен театар – Битола, во рамки на прес-конференцијата по повод најавата на новата премиера на НУ Народен театар – Битола, претставата „Кориолан“, во режија на Џон Блондел, по текст на Вилијам Шекспир.

Како општествено одговорна компанија, Бимилк континуирано поддржува проекти кои придонесуваат за развојот на заедницата. Преку партнерството со НУ Народен театар – Битола, компанијата ја потврдува својата посветеност кон поддршка на културата и уметноста, препознавајќи ја нивната важна улога во општествениот развој.

„Во Бимилк веруваме дека успешните компании имаат важна улога во поддршката на иницијативи кои создаваат долгорочна вредност за заедницата. Културата и уметноста се суштински дел од општествениот развој, а токму Народниот театар – Битола е една од институциите кои со својата долгогодишна работа, посветеност и уметнички достигнувања континуирано придонесуваат за збогатување на македонската културна сцена. Особено сме горди што воспоставуваме партнерство со театар кој низ годините изгради препознатлив уметнички идентитет, создаде значајни претстави, освои доверба кај публиката и остави силен белег во културниот живот не само во Битола, туку и пошироко. За нас, поддршката на Народниот театар – Битола претставува вложување во заедницата, во креативниот потенцијал на младите генерации и во вредностите кои остануваат значајни и препознатливи низ времето“, изјави Полексена Јанкуловска, маркетинг директор на Бимилк.

Ова партнерство создава можности за реализација на културни содржини и проекти кои придонесуваат за збогатување на културниот живот и доближување на уметноста до пошироката јавност.

„Поддршката од општествено одговорни компании како Бимилк е од исклучително значење за развојот на културните институции и реализацијата на амбициозни уметнички проекти. Партнерствата меѓу компаниите и културните институции создаваат можности за реализација на содржини со висока уметничка вредност и придонесуваат за унапредување и промоција на македонската култура. Веруваме дека оваа соработка ќе претставува значаен поттик за нашите идни проекти и активности“, изјави Васко Мавровски, директор на НУ Народен театар – Битола.
Со оваа соработка, Бимилк и НУ Народен театар – Битола ја потврдуваат важноста на партнерствата меѓу компаниите и културните институции во поддршката на културното творештво, развојот на културниот живот и создавањето трајни вредности за заедницата.
