Два случаи на западнонилска треска се потврдени во Македонија, соопшти денеска Клиниката за инфективни болести во Скопјe, додавајќи дека двајцата пациенти се под постојан медицински надзор во болницата, како и дека слични случаи има и во регионот.
Клиниката истакнува дека е потребна дополнителна претпазливост, особено во лето кога вирусот се пренесува преку комарци.
Наведено е дека поголемиот дел од заразените немаат симптоми или имаат блага клиничка слика, додека мал број пациенти, особено постарите лица и лицата со ослабен имунитет, може да имаат потешки невролошки компликации.
„Граѓаните кои ќе развијат висока температура, силна главоболка, вкочанетост на вратот, намалена свест или други невролошки симптоми по каснување од комарци треба да побараат итна медицинска помош“, се вели во соопштението на Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби.
На граѓаните им се укажува постојано да ги почитуваат мерките за лична заштита од каснувања од комарци: да користат репеленти, да носат облека со долги ракави и долги панталони кога се надвор, да поставуваат заштитни мрежи на прозорците и да ја отстрануваат застојаната вода каде што се размножуваат комарците.
