Минчев: Две години реформи што ја менуваат јавната администрација – повисоки плати, професионални раководители и нови стандарди за модерни институции

Од:

Две години реформи што ја менуваат јавната администрација – повисоки плати, професионални раководители и нови стандарди за модерни институции – истакна на денешната прес-конференција министерот за јавна администрација Горан Минчев, на која ги презентира резултатите од двегодишното работење на Министерството.

Минчев потенцира дека јавната администрација не се менува со најави, туку со конкретни решенија, системски промени и работа на терен. Посочи дека резултатите од реформскиот процес се насочени кон создавање професионална, ефикасна и модерна администрација, која ќе биде поблиска до граѓаните и подобро подготвена да одговори на нивните потреби.

– Не ветувавме реформи, туку работевме на нивно спроведување. Не се водевме од краткорочни решенија, туку од потребата да поставиме стабилни темели на систем, кој со години се соочуваше со одложувања и недовршени процеси – рече тој.

Посочи дека еден од најзначајните резултати е усвојувањето на трите системски закони во областа на јавната администрација – Законот за административните службеници, Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за стручно усовршување и обука на административните службеници.

– Особено значаен сегмент од реформите е подобрувањето на статусот на административните службеници. Во партнерски дијалог со синдикатите постигнат е историски договор преку колективните договори, со кој е обезбедено континуирано зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти до 2028 година. Реформата на јавната администрација не може да биде успешна без да се грижиме за луѓето што секојдневно ја носат работата на институциите – нагласи Минчев.

Министерот потенцира дека важен чекор кон професионализација на управувањето е донесувањето на Законот за високите раководители, со кој првпат се воспоставува единствен систем за избор и управување со највисоките раководни позиции во државната администрација.

– Новиот модел предвидува јавен оглас, проверка на условите, рангирање и избор на најдобрите кандидати, со што високите позиции се поврзуваат со знаење, компетентност, професионално искуство и интегритет. Законот опфаќа државни секретари, директори и заменик-директори во институциите во кои е предвидено, а воведува и механизми за следење на нивната работа и одговорност за резултатите. Дополнително, со ограничувањето на в.д. мандатите на шест месеци и намалувањето на бројот на членови во управните одбори на три члена се создава поголема стабилност, ефикасност и рационално користење на јавните средства – рече тој.

Паралелно со законските промени, како што потенцира министерот, воспоставена е Академијата за јавна администрација како нов систем за развој на знаењата, компетенциите и професионалниот потенцијал на административните службеници.

– Со модернизацијата на Центарот за обука во Аеродром, реализацијата на обуки за повеќе од 1.000 административни службеници во државата и развојот на современ електронски систем за учење ЛМС се поставуваат темели за администрација во која континуираното учење и усовршување ќе бидат составен дел од кариерата. Академијата не ја гледаме само како нова институција, туку како инвестиција во луѓето и мотор на модерната администрација – истакна министерот.

Минчев нагласи дека во изминатиот период биле реализирани и други значајни процеси, унапредување на Информациониот систем за управување со човечки ресурси – ИСУЧР, воспоставување механизми за следење на Стратегијата за реформа на јавната администрација, реформа на инспекцискиот систем, како и подобрување на процесите за управување со квалитетот во институциите. Потенцира дека во Министерството се реализирани и активностите во рамките на Партнерството за отворена власт, преку кое се зајакнуваат транспарентноста, отчетноста и учеството на граѓаните во креирањето јавни политики, а паралелно се унапредил и процесот на процена на влијанието на регулативата (ПВР) преку поголема транспарентност, јавни консултации и подобро планирање на законските решенија.

Со сите овие активности, како што истакна министерот, Министерството за јавна администрација во изминатите две години направило значајни чекори во воспоставувањето нова рамка за функционирање на јавната администрација. Минчев потенцира дека овие процеси претставуваат цврста основа за администрација, која ќе се гради врз знаење, компетентност и одговорност, со крајна цел граѓаните да добијат поефикасни институции и подобри услуги.

Би можело да ве интересира

Филипче: Од реконструкцијата граѓаните ќе добијат само нови имиња и голема нула

Апасиев: Електронското гласање не е препорака на ОБСЕ/ОДИХР, туку каприц на ДПМНЕ против Левица

ЗНАМ со владината реконструкција го добива Министерството за земјоделство, ќе го раководи Борче Серафимовски

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ ги добива здравство и социјална политика, демографија и млади, Вреди – култура, односи меѓу заедниците и правда, ЗНАМ – земјоделство

Се чека пристапен терен за интервенција на пожарот во Дојран

Видеолотарија Касинос Австрија со донација за ТППЕ Кочани