Драмски со две изведби на претставата „Плејбои…“ гостува во Белград

Од:

Драмски театар Скопје првиот дел на сезоната ја заокружува со гостување во Белградскиот драмски театар. Вечерва и утре вечер во 20:30 часот ќе се изведе претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ во режија на Иван Пеновиќ, по текст на Душан Јовановиќ. Претставата е четирипартитна копродукција на НУ Драмски театар Скопје, Белградското драмско позориште, Местното гледалишче Љубљана и продукцијата на „Град театар“ Будва.

Во копродукциската претставата „Плејбои…“, играат актерите од четирите уметнички куќи од регионот: Лазар Христов, Јулита Кропец, Марко Гверо, Соња Стамболџиоска, Лазар Николиќ, Вукашин Јовановиќ, Нејц Језерник, Марјан Наумов и Јована Спасиќ. Покрај Иван Пеновиќ, авторскиот тим го сочинуваат и Соња Должан (превод), Лазе Трипков (сценографија), Александар Ношпал (костимографија), Владимир Пејковиќ (композиција) и Дамир Клемениќ (сценско движење).

Од Драмски потсетуваат дека претставата „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ минатата година два месеца се подготвуваше на сцената на Драмски театар Скопје и освен актерите и уметниците од ансамблот на Драмски театар истовремено беше ангажирана и целата техничка екипа од одделите на светло и тон мајстори, гардероба, кројачница, столарска работилница, атеље за изработка на сценографија и скулптура, оделот за фризура и шминка и сите останати одели во Драмски.

Претставата е реализирана како проект произлезен од повеќегодишната заедничка соработка на театарските куќи членки на Регионалната унија на театри основана во 2019 година. Регионалната унија со веќе етаблираниот фестивал РУТА, преку своите шест изданија во текот на годината, освен што овозможува публиката во целиот регион во континуитет да ги следи најгледаните продукции во своите театарски центри, успешно се справи со предизвикот соработката да ја издигне на повисоко ниво и да создаде копродукциската претстава на четири уметнички куќи. Со претставата „Плејбои…“, минатата година е одбележана петтата годишнина од смртта на авторот Душан Јовановиќ, кој остави силен печат во театарскиот израз во регионот.

Во програмската белешка за претставата режисерот Иван Пеновиќ истакна дека: „Животот на провинциските плејбоји по Втората светска војна или Туѓото го сакаме – своето не го даваме“ е текст од раниот драмски опус на Душан Јовановиќ, напишан во формата на комедија дел арте. „Плејбоите…“ се напишани во 1972 година, а првпат се изведени во Местното гледалишче Љубљана една година подоцна. Напишани се во периодот на исклучително бурни меѓународни и регионални историски движења, во духот на „Сексуалната револуција“ и „Пролетта од 1968 година“, како и под влијание на околностите во тогашна Југославија на кои реагираа уметниците од најмладата генерација. Во нивните дела е присутен таканаречениот „лудизам“ – специфичен одговор на „тешките теми“ што ги отвори повоената генерација млади луѓе. Лудизмот се карактеризира со целосно отсуство на каква било потрага по смисла, одговори или решенија за егзистенцијалните тешкотии; тој повеќе ги прифаќа работите такви какви што се и, наместо да бара излез во дадените околности, дозволува настаните да се одвиваат низ „опуштена игра“. Сето ова важи и за „Плејбоите…“. Тоа е вителот на живата еротика, младост и незаузданата, вечно незаситна страст. Сепак, меѓу редови се насетува и една празнина, суета и егоизам на општеството што постојано трча по уживање. Денес, половина век по ‘68, суетата и бесцелноста остануваат актуелни, а им се придружуваат и трката по материјалниот статус, но и егзистенцијалниот страв.“

По премиерата во август минатата година во Будва на фестивалот „Град театар“, претставата гостуваше на летните сцени на Охридско лето и на Бриони, а потоа се играше на фестивалите РУТА во Скопје, Белград, Љубљана, Тиват. Со гостувањето во Белградскиот драмски театар претставата „Плејбои…“, ќе забележи вкупно шеснаесет изведби.

Би можело да ве интересира

Драмски театар со поретставата „Мачкина глава“ го отвора фестивалот Војдан Чернодрински

Драмски театар со претставата „Мојот маж“ на РУТА во Сараево

Драмски театар Скопје по вторпат не ја додели наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор

А1он

Драмски театар одбележува 80 години постоење – за јубилејот премиера на „Мачкина глава“ од Венко Андоновски

Драмски со претставата „Кармен“ на фестивал во Јужна Кореја

Премиера на „Драми на принцезите – Џеки“ во Драмскиот театар