ВИДЕО: Нови проблеми во Ормутскиот теснец по иранскиот напад врз брод

Од:

Меѓународната поморска организација (ММО) при Обединетите нации ја суспендираше планираната евакуација на повеќе од 11.000 морнари заглавени во Ормутскиот теснец, откако товарен брод беше нападнат додека пловел низ оваа стратешки важна поморска рута, објави Би-Би-Си.

Британската агенција за поморска безбедност UKMTO соопшти дека бродот бил погоден од „непознат проектил“ на околу 7,5 наутички милји југоисточно од оманското пристаниште Дахит. Нема информации за повредени или загинати.

Според компанијата за поморски ризици Vanguard, станува збор за товарниот брод Ever Lovely, кој плови под знамето на Сингапур и продолжил со пловидбата низ теснецот и покрај нападот. Американски медиуми, повикувајќи се на официјални извори, објавија дека зад нападот стои Иран.

Генералниот секретар на ММО, Арсенио Домингез, изјави дека дел од бродовите веќе биле евакуирани, но нагласи дека безбедноста на морнарите останува највисок приоритет.

„Секогаш нагласував дека безбедноста на морнарите е од најголема важност. За да обезбедиме координиран пристап и сигурност на навигацијата, планот за евакуација ќе биде суспендиран додека не добиеме појасна слика за ситуацијата“, изјави Домингез, додавајќи дека нападнатиот брод не бил дел од операцијата на ММО.

Во меѓувреме, Управата за теснецот на Персискиот Залив (PGSA), иранско тело задолжено за управување со пловидбата низ теснецот, предупреди дека безбеден премин ќе биде гарантиран само за бродовите што се движат по одобрените рути. За сите останати, одговорноста ќе ја сносат сопствениците, операторите и капетаните.

Стотици трговски бродови и илјадници морнари се блокирани во Персискиот Залив од февруари, поради воените судири меѓу САД, Израел и Иран. Планот за нивна евакуација беше објавен во вторникот, откако Ормутскиот теснец повторно беше отворен, а според Домингез, операцијата имала поддршка од Иран, Оман, САД и други крајбрежни држави.

Минатата недела САД и Иран постигнаа договор за прекин на непријателствата, кој предвидува Иран во следните 60 дена да вложи максимални напори за да обезбеди безбеден премин на комерцијалните бродови без дополнителни надоместоци. И покрај тоа, Техеран и натаму најавува воведување такси за поморски услуги при преминување низ теснецот, на што Вашингтон остро се спротивставува.

Американскиот државен секретар Марко Рубио, кој престојува во Бахреин во рамки на регионалната турнеја, изјави дека Ормутскиот теснец е меѓународен воден пат и дека ниту една држава не треба да воведува патарини за негово користење.

Ормутскиот теснец е една од најважните светски поморски артерии за транспорт на нафта и природен гас. Неговото затворање по почетокот на конфликтот кон крајот на февруари предизвика нагло поскапување на нафтата и нарушувања во глобалните синџири на снабдување. По меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран потпишан на 17 јуни, цените на суровата нафта повторно почнаа да се стабилизираат. Во четвртокот цената накратко падна под 72,5 долари за барел, пред повторно да се искачи на околу 73,2 долари.

Би можело да ве интересира

Цените на нафтата паднаа на нивоа од пред војната со Иран

Иран: Ормутскиот теснец ќе остане затворен додека не се исполнат условите

Иран повторно го затвара Ормутскиот теснец

Три големи проблеми зошто бродовите сè уште не поминуваат низ Ормутскиот теснец

Горан Наумовски

Американските сили соборија ирански дронови над Ормутскиот теснец

А1он

Детонации во Ормускиот теснец: Иран тврди спречивме премин на танкери