Нашето партнерство се претвора во конкретни активности и резултати што ќе придонесат за развојот на јавната администрација во двете земји, истакнаа на денешната заедничка прес-конференција во Скопје министерот за јавна администрација, Горан Минчев и министерката за јавна администрација и локална самоуправа на Србија, Снежана Пауновиќ.
-Во рамки на одбележувањето на Денот на јавната администрација, денес имав можност да остварам билатерална средба со министерката за јавна администрација и локална самоуправа на Република Србија. Средбата беше посветена пред се на разгледување на напредокот што е постигнат во спроведувањето на активностите предвидени со Меморандумот за соработка меѓу нашите две министерства, како и на следните чекори за негово понатамошно операционализирање – рече Минчев на прес-конференцијата.
Тој истакна дека особено го радува фактот што заедничката работна група, формирана со цел координација и реализација на активностите од Меморандумот, активно работи и бележи значителен напредок во повеќе области од заемен интерес. Работната група функционирала со висок интензитет и посветеност, а резултатите што досега биле постигнати, претставувале цврста основа за понатамошно продлабочување на соработката.
-Република Србија, преку својата Национална академија за јавна администрација, претставува успешен пример во регионот за систематски пристап кон професионалниот развој и континуираното усовршување на јавните службеници. Токму затоа, искуствата и добрите практики што ги развила Академијата се од особено значење за нас и претставуваат вредна основа во процесот на модернизација на системот за обуки во нашата администрација – додаде тој.
На средбата било разговарано за активностите поврзани со развојот и усогласувањето на програмите и модулите за обука, размената на едукативни содржини и методологии, како и за можностите за заеднички пристап во креирањето современи програми за професионален развој на административните службеници.
-Посебно внимание посветивме и на дигиталната трансформација на процесот на учење и обука. Во таа насока, работната група активно работи на размена на искуства поврзани со системите за управување со учење – ЛМС, развојот на електронски модули и воспоставувањето современи дигитални решенија што ќе овозможат поголема достапност, ефикасност и квалитет на обуките за јавните службеници – дециден беше министерот.
Тој истакна дека убеден е дека преку ваква практична и динамична соработка ќе се успее да се изградат уште посилни институционални капацитети, да се унапреди квалитетот на јавните услуги и да се создаде администрација што е професионална, компетентна и целосно ориентирана кон потребите на граѓаните.
-Денешната средба уште еднаш потврди дека нашето партнерство не останува само на декларативно ниво, туку се претвора во конкретни активности и резултати што ќе придонесат за развојот на јавната администрација во двете земји – заклучи Минчев.
Неговата колешка, Пауновиќ, исто така, изрази задоволство од состанокот.
-Пред нас се предизвици, како пред Северна Македонија, така и пред Србија, на европскиот пат, да ја прилагодиме својата јавна администрација кон европските вредности – рече таа, меѓудругото.
Таа истакна дека се разговарало околу тоа дека јавната администрација мора да биде унапредена до одредено ниво и во таа насока, подвлече, неизоставно мораме да соработуваме во регионот и да разменуваме примери од добра пракса.
-Секако во 21. век, еден од поголемите предизвици претставува и дигитализацијата, на што Србија одговори со полн капацитет – додаде Пауновиќ.
Таа подвлече дека помладите генерации бараат да се биде посовремен.
-Соработката меѓу овие две министерства, сигурна сум, ќе се интензивира и продолжи и на тоа многу се радувам, зашто се е во корист на жителите и на Северна Македонија и на Србија – подвлече Пауновиќ која го покани Минчев во возвратна посета во Белград.
Прашана, од аспект на соработката, дали се планира меѓусебно признавање на електронски документи, сертификати, работни дозволи и слично, за потреби на работници кои емигрираат од едната во другата држава.
-Ова се ситни чекори во таа насока. Важно е да се олесни функционирањето во двете земји – одговори Пауновиќ и рече дека со времето ќе се надминат некои ситни недостатоци што сега ги има.
