Европскиот парламент го усвои извештајот за напредокот на Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија.
Европратеничката Ирена Јовева го поддржа истиот, но не сите негови делови.
Таа во соопштение вели дека не поддржа никакви обиди за вклучување на прашањата за идентитетот, јазикот и историските толкувања во извештајот, кој треба да остане фокусиран на реформите, владеењето на правото и европскиот напредок на земјата.
„Овој извештај мора да биде извештај за реформите и европската иднина на македонската држава. Иако, се разбира, не го поддржав целиот текст – зошто на крајот го поддржав извештајот?, пишува Јовева во соопштението за медиумите.
Затоа што оваа земја не е одговорна за опсесијата на некои со нејзиниот јазик или идентитет. Затоа што Македонците не треба да ја плаќаат цената за политичките фрустрации на другите.
Искрено се прашувам: ако овие “други” секој пат продолжуваат да зборуваат повеќе за Македонците отколку за содржината на европскиот напредок на земјава – кој навистина има проблем тука?
Очигледно не Македонците. Туку оние кои не можат ниту да напишат амандман без Македонци, а потоа ја вложуваат целата своја енергија во некакви објаснувања за тоа кој е кој.
Прилично необично хоби за 2026 година, нели? Интерпретација на минатото. Што сме ние, историска академија или Европски парламент? Европската унија е создадена за да можат народите заедно да ја градат иднината, а не за да издава сертификати за постоење на народи. И секако не е создадена на старите национализми да им дава нова, да не кажам модерна европска сцена.
Македонците немаат што да докажуваат. Меѓутоа, после сите овие години, некои други очигледно сè уште имаат. Но, денес, Македонците не се на испит. Европа е.
Според Јовева, задачата на Европскиот парламент во овие извештаи е исклучиво да ги процени реформите и напредокот на земјите-кандидатки за влез во Европската унија, поради што таа ги отфрла поедноставените толкувања на денешното гласање:
„Нема да се согласам ни со наративот дека Бугарија победи денес, ниту со наративот дека Европскиот парламент ја издал македонската држава. Би било грешка денешното гласање ако стане уште една алатка за создавање политички митови, победници и губитници. Ова не е натпревар мегју земјите, а најмалку референдум за постоењето на Македонците. Не е. И оние кои денес зборуваат за големи победи или големи порази всушност помагаат да се одржи спорот од кој политички живеат. Вистинското прашање не е кој победи денес. Вистинското прашање е дали кје имаме храброст да го браниме принципот дека земјите-кандидатки се оценуваат според реформите, објективно, и дали Европа кје остане верна на сопствените вредности. Јас им останувам верна. Затоа, уште еднаш: Македонците денес не беа на тест. Европа е“- стои во транскриптот од нејзиното образложение за гласање, кое таа го даде денес во пленарната сала во Стразбург.
