Силјановска Давкова: Шест децении сцената на фестивалот „Војдан Чернодрински“ е простор на највисоки дострели на македонската театарска уметност

Од:

Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е симбол на творечка енергија, уметничка храброст и ненаситна љубопитност за нови сценски дострели кои инспирираат, многупати вознемируваат, провоцираат, но и облагородуваат, порача претседателката Гордана Силјановска Давкова на отворањето на 60-тото јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп.

Претседателката Силјаноска Давкова која е покровител на Фестивалот рече дека Фестивалот е свет дом каде се одвивале илјадници дијалози меѓу човекот и совеста на универзален театарски јазик и е почестена што може да го прогласи за отворен.

– Шест децении сцената на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ е простор на највисоки дострели на македонската театарска уметност. Денес, во време на брзи слики и куси сеќавања, театарот нè повикува не само да гледаме, туку и да чувствуваме и да проникнуваме во себе. Може ли една претстава да нè освести до болка или да нè израдува до делириум? Може ли еден актер да ни го открие човекот во нас? Може. Театарот изнедрува храбри луѓе, личности со достоинство, интегритет, ерудиција. И кога, ако не тука, ако не сега, каде што и воздухот мириса на театар, како што вели нашиот голем драмски автор Јордан Плевнеш. Посакувам овој јубилеј да не биде само навраќање на богатото театарско минато, туку провокација и поттик за нови приказни, рече претседателката Силјановска Давкова на свеченото отворање на Фестивалот.

Според министерот за култура Зоран Љутков, Фестивалот претставува временска верига на високи театарски вредности што се создаваат на македонска почва и само овде, во Прилеп, театарот умее да ја собере небесната амброзија на човечката мисла, што ги оживува вековите и нè поведува по патеките што единствено ја откриваат суштината на постоењето и иднината на вечниот театар.

-Театарскиот фестивал „Војдан Чернодрински“ и Прилеп, главниот град на театарска Македонија, засекогаш ќе останат место на кое македонските поклоници на Талија, се среќаваат со добра мисла и креативно се споредуваат едни со други, стремејќи се кон сѐ повисоки и поблагородни уметнички дострели, рече Љутков.
Министерот за култура нагласи дека нема да се однесува како да не постои проблем дека во Прилеп нема функционална театарска зграда. Смета дека е време за решавање на долгогодишниот проблем.

-Тоа не е само проблем на Прилеп. Тоа е прашање на достоинството на македонската култура. Проектот за целосна реконструкција на Театарот „Војдан Чернодрински“ во Прилеп е подготвен и ќе го реализираме. Не како политичко ветување, туку како долг кон генерациите уметници што ја создаваа историјата на овој театар и кон генерациите што допрва ќе ја создаваат неговата иднина. Реконструираната зграда ќе биде современа, функционална и безбедна, смета министерот за култура Зоран Љутков.

Би можело да ве интересира

Почнува 60. МТФ Војдан Чернодрински во Прилеп

Пелегрини – Сиљановска-Давкова: Проширувањето на ЕУ треба да биде фер процес, предвидлив и со исти правила за сите кандидати

Претседателката присуствуваше на презентација на способностите на Армијата во Штип

А1он

Сиљановска-Давкова по повод 24 Мај: Јазикот не е само збир на зборови, туку и колективна меморија, вредносен код и чувство на припадност

А1он

Сиљановска не сака да коментира за „квалификацијата шпионска афера“, збунета е од одговорите на Обвинителството за организиран криминал

Катерина Ѓуровски

Сиљановска-Давкова до бугарскиот амбасадор во Словенија: Македонскиот Устав ги гарантира правата на сите малцинства

А1он