Сомнителни исплатни на хонорари во Академијата за судии, покажува извештајот на Ревизија

Од:

Државниот завод за ревизија изрази мислење без резерва за финансиските извештаи на Академијата за судии и јавни обвинители за 2024 година оценувајќи дека тие реално и објективно ја прикажуваат финансиската состојба на институцијата. Истовремено, за усогласеноста на работењето со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики е дадено мислење со резерва поради утврдени одредени слабости и неправилности.

Според конечниот ревизорски извештај, надоместоците на членовите на Управниот одбор и Програмскиот совет биле исплаќани месечно и во целост наместо според присуството на одржаните седници. Ревизорите констатирале и дека рокот за завршување на втората фаза од почетната обука на осмата генерација слушатели за судии и јавни обвинители бил надминат за три месеци, што довело до дополнителни исплати за ментори и координатори.

Во извештајот се наведува дека дел од договорите со менторите биле склучени по истекот на периодот на менторство, а биле исплатувани и средства за координатори и членови на комисии за оценување на практична настава иако нивниот статус и правото на надоместок не се утврдени со Законот за Академијата.

Ревизијата утврдила и надминување на законски утврдениот максимум за прекувремена работа и дека не е извршено претходно писмено известување до подрачниот инспектор на труд за воведување прекувремено ангажирање на вработените, како и исплата на прекувремени часови во денови кога на вработени им биле исплатени и дневници за службен пат во странство и за присуство на седница што се одржала во текот на полното работно време.

Дополнително, констатирани се слабости во контролата на користењето на картичките за гориво, неправилности во тендерската документација и набавка на стоки и услуги, без спроведена постапка за јавна набавка.

Државниот завод за ревизија дал препораки за надминување на утврдените состојби и унапредување на системот на контроли и управување во институцијата.

Во извештајот се нотира дека од страна на претходното одговорно лице на Академијата за судии и јавни обвинители доставени се забелешки на нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор. Забелешките, како што велат од ДЗР, се разгледани и утврдено е дека тие претставуваат известувања за причините што довеле до утврдените состојби.

Би можело да ве интересира

Неповолен ревизорски извешатај за работата на Министерството за европски прашања

Населението старее, нарушена е одржливоста на пензискиот фонд, оценува ДЗР

Низок процент на опфат на скрининзите за рак на дојка и матка, 80 отсто од пациентките со рак почнуваат со лекување во подоцнежни стадиуми на болеста

Голем пропуст во ДИК: Ревизорите открија милионски пренасочувања

Колекторски систем работи без дозвола и трупа дологови

Катерина Ѓуровски

Ризик од опасни козметички производи и играчки на пазарот – листата на забранети супстанции не е ажурирана 16 години