Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва од 20:30 часот ќе и гостува на селекцијата на БиХ на стадионот „Асим Ферхатовиќ Хасе“, популарното „Кошево“ во Сараево, каде се очекуваат исполнети трибини и одлична атмосфера за пријателскиот натпревар меѓу двете селекции.
Босанците зад себе имаат историски успех, откако обезбедија пласман на Светското првенство елиминирајќи ја Италија, а Македонија добро знае како е да се шокираат „аѕурите“, бидејќи токму нашата репрезентација пред неколку години славеше во Палермо.
Ова ќе биде уште еден важен тест за новиот селектор Гоце Седлоски, кој најави освежувања во националниот тим. На списокот се најдоа пет дебитанти, а Седлоски потврди дека сите ќе добијат шанса да се претстават пред стручниот штаб.
И покрај најавените промени, во стартниот тим не се очекуваат големи изненадувања. Поради повреда ќе отсуствува капитенот Енис Барди, па креативната улога во средниот ред најверојатно ќе ја преземе Елиф Елмас, заедно со Бобан Николов и Агон Елези.
Во нападот се очекува да стартуваат Бојан Миовски и Елмин Растодер, додека по крилните позиции би требало да делуваат Езгјан Алиоски и Стефан Деспотовски.
Во дефанзивната линија се планира формација со тројца стопери – Ѓоко Зајков, Висар Муслиу и Дарко Велковски, додека на голот ќе биде сигурниот Столе Димитриевски, кој ќе ја носи и капитенската лента.
И домаќинот се очекува да настапи со најсилниот состав, предводен од искусниот напаѓач Един Џеко.
