Австриски и германски државјанин се под истрага поради сомнежи дека учествувале во таканареченото „сараевско сафари“ – наводни организирани „тури“ за богати странци кои плаќале огромни суми за да пукаат врз цивили за време на опсадата на Сараево во 1990-тите години.
Како што објави австрискиот весник „Кронен цајтунг“, двајцата осомничени наводно патувале во Босна и Херцеговина меѓу 1992 и 1996 година и од позиции на војската на босанските Срби пукале врз цивили во опколениот град.
Истражителите се сомневаат дека ваквите „тури“ биле прикривани како ловни експедиции на Балканот.
Поранешната австриска министерка за правда Алма Задиќ побара темелна истрага за случајот.
„Станува збор за сомнежи за најтешки воени злосторства, кои мора темелно да се истражат и да се гонат. Не смее да има простор за неказнивост“, изјавила Задиќ.
Слични истраги веќе неколку месеци се водат и во Италија, откако миланскиот писател Ецио Гавацени поднесе пријава со тврдења дека во таканаречените „човечки сафари“ учествувале државјани од повеќе европски земји, меѓу нив Австрија и Германија.
Случајот повторно се актуализира по документарниот филм „Sarajevo Safari“ на словенечкиот режисер Миран Зупанич. Во филмот се изнесени сведоштва според кои богати странци плаќале огромни суми за да пукаат врз луѓе во Сараево, без воени или идеолошки мотиви, туку како форма на сурова забава.
Гавацени, кој напиша и книга за случајот, изјави дека „секоја земја треба да си ја заврши домашната задача“.
Белгиското обвинителство веќе потврди дека отворило истрага за можна вмешаност на белгиски државјани. Поранешниот италијански магистрат Гвидо Салвини изјави дека меѓу осомничените има државјани на Белгија, Франција, Германија и други европски земји.
Италијанските медиуми претходно објавија дека за ваквите „тури“ се плаќале и до 100.000 евра дневно.
Обвинителството на Босна и Херцеговина потврди дека работи на предмет поврзан со „Sarajevo Safari“ и дека е воспоставен контакт со италијанското обвинителство и со Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали во Хаг.
Австрија, исто така, води истрага против две лица осомничени за учество во снајперски активности за време на опсадата.
Опсадата на Сараево траеше 44 месеци, од април 1992 до декември 1995 година. Градот секојдневно беше изложен на гранатирање и снајперски напади, а според достапните податоци загинаа повеќе од 11.000 луѓе.
Доколку истрагите ги потврдат наводите, случајот би можел да стане еден од најморничавите примери за странско учество во злосторства за време на босанската војна – не поради идеологија или воена стратегија, туку како платено убивање цивили.
