Претседателот на САД, Доналд Трамп, објави дека ќе ја одржи поморската блокада на Иран сè додека земјата не се согласи на договор што ги исполнува барањата на САД поврзани со нуклеарната програма на Иран.
Трамп со тоа го отфрли иранскиот предлог прво да се отвори Ормутскиот теснец и да се укине блокадата, како и да се одложат нуклеарните преговори за подоцна.
Според извори запознаени со ситуацијата, Централната команда на САД (CENTCOM) подготвила план за „краток и моќен“ бран напади врз Иран за да се прекине застојот во преговорите.
По ваквите напади, кои веројатно би вклучувале цели поврзани со инфраструктурата, САД би се обиделе да ги принудат иранските власти да се вратат на преговарачката маса и да покажат поголема флексибилност.
Трамп изјави за Аксиос дека ја смета блокадата за „нешто поефикасна од бомбардирањето“, а извори велат дека сè уште не наредил воена акција. На социјалните мрежи, тој објави и мемe генериранo од вештачка интелигенција во коe држи оружје и му кажува на Иран: „НЕМА ПОВЕЌЕ ГОСПОДИН ДОБРО МОМЧЕ“.
Засега, тој ја гледа блокадата како главен инструмент за притисок, но би размислил и за воена акција ако Иран не попушти, тврдат изворите. Во телефонски разговор со Аксиос, кој траел околу 15 минути, тој одби да зборува за конкретни воени планови.
„Блокадата е некако поефикасна од бомбардирањето. Тие се гушат како прејадени свињи. И ќе биде уште полошо за нив. Тие не смеат да имаат нуклеарно оружје“, рече Трамп. Тој додаде дека Иран сака да постигне договор за укинување на блокадата.
„Тие сакаат решение. Тие не сакаат јас да ја продолжам блокадата. Не сакам да ја укинам блокадата, бидејќи не сакам тие да имаат нуклеарно оружје“, забележа тој.
Трамп, исто така, тврдеше дека иранските нафтени магацини и цевководи се „блиску до експлозија“ бидејќи не можат да извезуваат нафта поради блокадата.
