Наградата „Мостови на Струга“ годинава му припаѓа на Даниел Хајндс од Велика Британија – беше соопштено на денешната прес-конференција.
Уметничкиот директор на Струшките вечери на поезијата, Мите Стефоски, истакна дека станува збор за 24. добитник на наградата „Мостови на Струга“, што Струшките вечери на поезијата од 2003 година ја доделуваат заедно во соработка со УНЕСКО.
– Утврдувањето на наградата беше со цел афирмација и промоција на поетското творештво на млади талентирани автори од светот и Данијел Хајндс е втор добитник од Велика Британија – додаде Стефкоски нагласувајќи дека неговата книга отскокнувала по многу нешта.
Стефкоски информира дека на конкурсот пристигнале 14 поетски книги од светот и од нашата држава.
– Многу од нив заслужуваат пофални зборови – истакна Стефкоски.
За Хајндс беше кажано дека живее во Њукасл, Обединето Кралство. Дипломирал англиска книжевност со највисоки почести на Универзитетот во Њукасл, каде што и магистрирал англиска книжевност со највисока оценка. Неговата дебитантска збирка поезија „Нови, познати фрази“ била објавена од „Брокен слип букс“ (Broken Sleep Books) во март 2025 година.
– Тој е финалист за најдобар млад талент на наградата за култура „Североисток“, што е дел од „Њу криетив“ (New Creative) на Би-би-си. Избран е за „Нов северен поет“ на книжевниот фестивал „Илкли“, како и „Североисточен поет“ на организацијата „Њу рајтинг норт“ (New Writing North). Тој е добитник на поетската награда „Тимоти Корселис“ (Timothy Corsellis), што ја доделува „Поетското друштво“. За поезијата е добитник и на наградата „Нови форми“ од страна на Универзитетот Источна Англија (UEA). Бил дел од потесната листа за наградата за поетски памфлет на „Цинамон прес“ (Cinnamon Press) во 2021 година, наградата за експериментално пишување „Стриткејк“ во 2019 година, како и поетската награда „Тери Кели“ во 2018 година – беше кажано на денешниот настан.
Неговата поезија била претставена во салата „Виклиф“ како дел од театарската продукција „Како ви е арно, така“ на театарот „Креација“.
– Неговата поезија е објавена во разни списанија, меѓу кои „Лондон магазин“, „Њу Јуропијан“, „Вајлд корт“, „Поетри Салцбург ривју“, „Станд“, „Саутворд“, „Шиерсман“, „Прери фајр“ и така натаму. Неговата поезија е дел од следните антологии: Најдобри британски и ирски поети 2019-2021, Екопоетска антологија, антологијата „Една планета“ во издание на Универзитетот во Њукасл, Лична историја на домот во издание на Универзитетот Оксфорд, антологиите Таписерии на домот и Најлошите добри години, Антологија на студентскиот живот во издание на „Ацид бат паблишинг“ (Acid Bath Publishing), Патувања и патешествија – антологија на зависноста и лекувањето, поетската антологија Бркање сенки во издание на „Креативна Ирска“ во 2022 година, како и антологиите Црна зима II и Црна зима III во издание на „Кејк прес“ (Cake Press) – беше додадено на прес-конференцијата.
