„Никој не е подобар од ПСЖ“, изјави тренерот на парискиот тим, Луис Енрике, пред утрешниот прв натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите помеѓу ПСЖ и Баерн.
„Не станува збор само за напаѓачка статистика, туку ако се погледне и дефанзивната статистика, ова се најдобрите тимови во Европа“, изјави Луис Енрике пред новинарите пред натпреварот во Париз.
„И ниеден тим не е подобар од нас“, додаде тој.
ПСЖ ја брани европската титула откако го декласираше Интер со 5:0 во финалето минатата сезона. Оваа сезона, парискиот клуб ја заврши лигата на 11-то место, а потоа стигна до полуфиналето преку Монако, Челзи и Ливерпул.
„Магијата на Лигата на шампионите им дава посебна енергија на играчите, секој сака да биде таму и да го искористи ова време максимално“, рече 55-годишниот Шпанец.
Енрике е свесен за заканата што ја претставува Баерн во нападот, кој оваа сезона постигна 113 гола во Бундеслигата, 38 во Лигата на шампионите и 14 во Купот на Германија.
„Знаеме колку ќе биде тешко и мора да знаеме како добро да се браниме“, истакна тој.
Францускиот клуб, исто така, негува напаѓачки фудбал. Сепак, Енрике верува дека клучот ќе биде одбраната.
„Иако има тимови кои напаѓаат многу добро, мора да знаете како да се браните, тоа ќе биде клучот. Мора да знаете како да се браните против такви тимови. Тоа е атрактивна игра за сите навивачи, помеѓу два тима кои имаат многу добра сезона“ порача тој..
Францускиот клуб долго време се стреми да ја освои Лигата на шампионите, а откако конечно го остварија тој сон минатата сезона, нивните амбиции се високи и оваа сезона.
„Првиот пат беше олеснување, сега е поинаков извор на мотивација бидејќи минатата година беше одлична. Напишавме историја. Но, сè уште сме гладни“, рече Енрике, пофалувајќи го својот колега на спротивната клупа.
„Винсент Компани е врвен тренер, што го покажа и во Англија. Тој пристигна во Баерн пред две години и од самиот почеток видовме колку е тешко да се игра против него. Неговиот тим е еден од моите омилени за гледање. Ги сакам сите тренери, но особено напаѓачките, а тој несомнено е еден од нив“, рече шпанскиот стратег.
