На денешното продолжение од судењето за предметот „Онкологија 2“ во Основниот кривичен суд Скопје, одбраната приговараше на доказите што ги презентира обвинителството, оценувајќи дека станува збор за незаверени копии без доказна вредност. Воедно, побара укинување на притворот за двајцата обвинети екс директори на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија (УКРО) и негова замена со домашен притвор, како и повлекување на паричната казна за адвокатката Анита Бегова.
Откако, по одлука на судечкиот совет, јавниот обвинител започна со читање на доказите од архивските папки, адвокатката Бегова приговараше на нивната автентичност посочувајќи дека не ги исполнуваат законските услови предвидени во Законот за кривичната постапка.
– Сите докази се доставени во копија, а дел од нив немаат соодветна заверка – недостига печат на институцијата и потпис на овластено лице, што значи дека немаат доказна вредност, бидејќи ЗКП утврдува дека истите мора да бидат во оригинал или заверена копија со верно на оригинал и печат на институциајта која го издала документот во оригинал ја потврдува неговата веродостојност – истакна Бегова.
Според закон, таа нагласи дека материјалните докази треба да се доставуваат во оригинал или како заверени копии, а користењето незаверени документи, според неа, би претставувало суштествена повреда на кривичната постапка.
– Според Член 392 став (2) од ЗКП јасно е пропишано дека „доказите од ставот (1) на овој член се доставуваат во оригинал.“ Ова е основното правило и императив за сите материјални докази, како записници за увид, потврди за одземени предмети, книги, списи и друго. Целта на оваа одредба е да се обезбеди автентичност и веродостојност на доказите, со што се спречуваат манипулации или сомнежи во нивната содржина. Законот предвидува и исклучок од ова правило, но тој е строго дефиниран. Во Член 392 став (3) од ЗКП се вели „По исклучок од ставот (2) на овој член може да се користи како доказ и заверен препис или заверена копија.“ Ова значи дека копија од доказ може да се користи само доколку е заверена. Заверката гарантира дека копијата е идентична со оригиналот и дека нејзината содржина е непроменета. Незаверена копија, без оглед на нејзината содржина, не ги исполнува законските услови за да биде прифатена како доказ, освен ако не постојат други законски одредби кои изречно дозволуваат поинаку, што не е случај со овој член – нагласи Бегова во нејзината забелешка на доказите кои беа презентирани од страна на обвинителството.
Претходно, на почетокот на рочиштето, Бегова побара Судот да ги повлече решенијата за нејзино казнување од 500 евра и за назначување бранител по службена должност, оценувајќи ги како повреда на нејзините права.
Претходно, на почетокот на главната расправа, одбраната на обвинетите ги изнесе своите барања пред судот во однос на мерките за обезбедување присуство и процесуалните казни. Бранителката на второобвинетиот, адвокатката Бегова, побара од Судот да ги повлече решенијата за нејзино казнување од 500 евра и за назначување бранител по службена должност, оценувајќи ги како повреда на нејзините права.
– Моето напуштање на јавната расправа беше во насока да се сочува мојот професионален интегритет и интегритетот на адвокатурата како јавна професија утврдена со устав. Тоа што Судот во решението за казнување, навел дека ќе се обрати до претседателот на судот за назначување на адвокат по службена должност, иако јас немам откажано полномошно, ниту пак полномошно ми е откажано од мојот клиент, го разбирам како повреда на моите права како бранител и повреда на мојата уставна гаранција на претприемништво и заработувачка – истакна Бегова.
Второобвинетиот Нухи побара укинување на мерката ефективен притвор и замена со домашен притвор, наведувајќи дека му е потребно да ја подготви одбраната и да се грижи за семејството, како и дека нема намера да бега.
Бранителот на Васев, адвокатот Дељо Кадиев, истакна дека правото на одбрана не се спори и се приклучи кон барањата на одбраната.
Застапничката на обвинението остана на ставот дека материјалната документација е навремено и уредно доставена, а одлуката за притворот ја остави на Судот, посочувајќи дека ќе се произнесе дополнително доколку предлогот биде доставен во писмена форма.
Судијката нагласи дека нема да дозволи одолговлекување на постапката и одлучи доказите да се читаат во судница, бидејќи странките не постигнале согласност тие само да се внесат во записник. Доказите ќе бидат достапни во судницата, но без можност за нивно разгледување надвор од расправата.
Во предметот „Онкологија 2“, Никола Васев и Нехад Нухи се обвинети дека во периодот од 2018 до 2022 година незаконски набавувале лекови преку фиктивни тендери и присвојувале дел од терапијата, со што, според обвинението, го оштетиле државниот буџет за околу 36 милиони евра. Двајцата обвинети ја негираат вината.
